Премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат не кажа прецизно колку члена ќе брои владината делегација што ќе патува во Абу Даби во вторник во потрага по потенцијални нови кредитори.
„Владината делегација ќе биде – јас, министерот за финансии, министерот за земјоделство, бидејќи еден од инвестициските фондови финансира проекти во областа на земјоделството, и министерот за транспорт и врски, бидејќи едниот од инвестициските фондови финансира инфраструктурни проекти“,
рече Ковачевски.

Една од мерките за штедење донесени на владината седница во неделата е токму намалување на расходите за патување во земјата и во странство најмалку за 20 отсто, како и намалување на бројот на членови во делегациите при патување во странство.
Прашан дали при планирањето на патувањето за Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, е водена смета за ова, Ковачевски рече дека Владата веќе заштедила стотици милиони евра.
„Ние во текот на претходниот период намаливме за 200 милиони евра буџетски расходи за кои сметавме дека не се неопходни во услови на криза и тука, пред сè, се мислеше на службени патувања, репрезентација, набавка на возила што не се дел од техничко-технолошки возила во иституции во кои се потребни за извршување секојдневна работа, како Управа за јавни приходи, за инспектори или во здравство“,
рече тој.
Прашан колкумина ќе брои делегацијата во Абу Даби освен министрите, премиерот рече дека со него ќе дојдат уште две лица.
„Со мене ќе оди еден од обезбедување, може да има еден кабинетски службеник и тука завршува целата моја делегација. Нема ни потреба од повеќе“,
рече тој.
Според Ковачевски, владината делагација во Абу Даби веќе има закажано состаноци со четири инвестициски фондови за да се презентира можната еврообврзница за идната година. Тој додаде дека целта е да се обезбедат каматни услови за финансирање на државата по поповилни услови од она што го има на мултилатералните финасиски пазари.