Препораките за штедење на електрична енергија во јавниот сектор веќе даваат резултати и потрошената електрична енергија во септември е за 15-20 отсто пониска од истиот месец минатата година, рече завчера министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска рече дека секоја институција, согласно донесената владина одлука, има обврска да штеди струја.
Со мерките што се објавени и кои им наметнуваат обврска на институциите, оцени Маричиќ, ќе се постигне поголема рационалност и во трошењето на јавните средства, но и во трошењето на електричната енергија како ресурс.
„Секоја институција има обврска да штеди струја. Таа обврска им е дадена на сите што водиме институции максимално да рационализираме. Цените се качуваат и тоа сите го чувствуваме. Со мерките што се објавени ќе постигнеме поголема рационалност и во трошењето на јавните средства, но и во трошењето на електричната енергија како ресурс. Сериозно ги прифативме владините одлуки и секоја институција има обврска да работи на максимална рационализација“,
изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по панелот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“.
Вицепремиерот рече дека конкретни податоци за тоа колку пари се заштедени во институциите од воведувањето на мерките минатиот месец, може дополнително да достави, зашто тој не направил анализа.
Владата од 1 септември воведе мерки на штедење електрична енергија со кои потрошувачката треба да се намали за 15 отсто. Мерките беа донесени со владина одлука на 16 август, а ќе важат до 31 март 2023 година. Мерките се однесуваат на домаќинствата и компаниите како препораки, но и на државните институции како задолженија.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење светилките кога има доволно дневна светлина, ладење со клими не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, печатење само на потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од обврските кои државните институции мора да ги спроведат.
„Препораките за штедење на електрична енергија во јавниот сектор веќе даваат резултати и потрошената електрична енергија во септември е за 15-20 отсто пониска од истиот месец минатата година“,
рече завчера министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Таа во дебата на ТВ „Клан“ зборуваше и за подготовката на планот со мерки и препораки на Владата за штедење во јавниот сектор. Притоа појасни дека не се работи за намалување на платите во јавниот сектор, туку за изработка на методологија за платите, поради неусогласеноста на исти работни места во различни институции да се примаат различни плати.
