Почна лидерската средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на која присуствуваат претседателите на парламентарните политички партии од власта и од опозицијата, кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи. Единствена точка на дневниот ред е одложување на парламентарните избори.
На средбата присуствуваат лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на движењето Беса, Билал Касами, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата се присутни и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Од Кабинетот на претседателот посочуваат дека поради мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот, видеоматеријалите и фотографиите од средбата ќе бидат дистрибуирани до медиумите од страна на прес-службата на кабинетот веднаш по почетокот на лидерската средба, а изјавите за медиумите по завршувањето на лидерската средба ќе бидат пренесувани на јавниот сервис МРТ, на фејсбук-страницата на претседателот и на јутјуб-каналот.
Вчера во вилата на Водно се одржа седница на Националниот совет за безбедност, на која заеднички е заклучено дека нема потреба од воведување кризни или вонредни мерки во земјата како последица на коронавирусот.
*Поврзани вести
Пратениците ќе се состанат да ја поништат одлуката за самораспуштање?