Маркетите и дистрибутерите на храна имаат резерви за 30-45 дена, како во редовни услови. Трговците денеска им порачаа на граѓаните да не паничат, да бидат релаксирани и да водат сметка единствено за своето здравје.
Трговците денеска имаа работен состанок со министерот за економија Крешник Бектеши, при што е потврдено дека засега цените на производите не се менуваат и остануваат на нивото како досега.
Пазарниот инспекторат, пак, е постојано на терен, ја контролира состојбата.
„Ги координираме сите активности за нормално функционирање, работиме максимално на заштита на условите на работа на сите наши вработени, но и на потрошувачите. Во постојан контакт сме со добавувачите и правиме максимални напори за снабдување на дефицитарните производи. Апелирам дека нема потреба од паника, работиме интензивно. Сите потреби ќе бидат намирени“,
истакна претставникот од „Веро“.
И според претставникот од „Тинекс“ нема простор за паника.
„Состојбата е под контрола. Нема апсолутно причина за паника, за купување резерви. Нашите резерви се за 30-45 дена, во редовниот обем. Трговците и државата стојат зад нас, охрабрени сме. Сакаме да ги релаксираме потрошувачите, сите стратегиски артикли ќе ги има во доволни количини“,
напомена претставникот на „Тинкес“.
„Има метежи во маркетите. Ги повикувам граѓаните разумно да купуваат, а маркетите да направат планови за да им излезат во претрес на потрошувачите“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Дистрибутерите се жалат на застој на границите, пазарните инспектори на терен и дење и ноќе
И според дистрибутерите нема простор за паника. Тие единствено бараат постојан контакт на нашата држава со соседните земји, за да нема застои на граничните премини.
„Минатата недела имавме тешкотии за увоз на стока, но од вчера, благодарение на Владата, коридорите се ослободени од земјите кои направија ограничувања. Веќе се регулирани коридорите од каде што доаѓа стоката. Нема место за паника. Имаме резерви за 30 дена и тековно се носи стока. Бараме постојано контакт со соседните земји, за да нема застои на граничните премини, како и да се ослободат контингентите и царинските давачки за брашно, масло и шеќер, да има забрана за увоз од Србија каде што цените се пониски“,
истакна Џемаил Даути, сопственик на „Даути комерц“.
На заедничката прес-конференција по состанокот беше соопштено и дека пазарните инспектори, кои се постојано на терен, работат во две смени, дневна и ноќна.
„Благодарност до сите што ги почитуваат препораките за да останат што помалку луѓе за контрола. Од наша страна ќе сториме сè за да им излеземе во пресрет на граѓаните и на трговците. Сепак, сè она што ќе се донесе како владина одлука, ќе биде спроведено“,
истакна директорот на Пазарниот инспекторат.
Владата на синоќешната седница донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, масло за готвење, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури. Оваа Одлука, како што соопшти, влегува со сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот, како и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка поради ситуацијата со коронавирусот.
*Поврзана вест
Бектеши: Да не се создаваат резерви од храна, нема место за паника