Реакцијата на ССМ доаѓа откако пред два дена премиерот Ковачевски кажа дека како еден од начините за намалување на трошоците согласно Планот за фискална одржливост е намалување на платите кои се далеку над просекот. Реакцијата на Синдикатот се однесува и на изјавата на опозицискиот лидер Мицкоски кој предложи недела неработен ден да се замени со некој друг ден од неделата оти во недела има најголеми вишоци на струја што треба да му се отстапат на стопанството
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски дека е потребно кратење на платите и на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за укинување на недела неработен ден.
Во таа насока, од ССМ велат дека е недозволиво главните начини за излез од која било криза да бидат на грбот на работниците.
„Владата на која ѝ се случува генерален штрајк во јавниот сектор, кој сè уште трае онаму каде што истата не ги зголемила платите, сега планира да штеди и да им ги намали платите на работниците, во услови на 18,7 проценти инфлација и до 100 проценти зголемени цени на основните прехранбени производи и на тој начин дополнително да ги осиромаши своите граѓани и работниците за дополнителни 10 проценти“,
се наведува во соопштението на ССМ.
Според Синдикатот, владејачкиот СДСМ, односно Владата, не ги зголемила платите на работниците, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги зголемила на локално ниво, нешто што го сториле и други, како што велат, совесни градоначалници и други политички партии онаму каде што имаат функционери.
„Од друга страна, пак, опозицијата настапува бетер од Владата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како една од главните мерки за надминување на енергетската криза предлага да се укине недела неработен ден и работниците да работеле во недела оти имало вишоци на струја, а работодавачите да избирале сами друг ден во неделата за неделен одмор“,
се потенцира во соопштението.
Реакцијата на ССМ доаѓа откако пред два дена премиерот Ковачевски кажа дека како еден од начините за намалување на трошоците согласно Планот за фискална одржливост е намалување на платите кои се далеку над просекот.
„Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати што се далеку над просекот сметам дека во услови на ваква криза треба да се намалат, а додека таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде, исто така да направат напори да ги зголемат приходите“,
изјави Ковачевски пред два дена.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предлагајќи пакет мерки за справување со кризата рече дека вишоците струја што ги произведува АД ЕСМ, а кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот треба да му се продаваат на стопанството по производна цена. Цената, според Мицкоски, нема да надмине 80 евра за мегават-час и се работи за 200 до 250 илјади мегават-часа.
Според него, за ова да се оствари треба да се интервенира во два закони бидејќи недела е неработен ден, за да може работодавачите да одберат кој ден од неделата би го користеле за слободен ден.
„Најголеми вишоци има во недела, затоа предлагаме „недела неработен ден“ да се замени со некој друг ден од неделата“,
предложи опозицискиот лидер.
