Во однос на тоа за викенд без ДДВ, премиерот рече дека во претходниот таков викенд во ковид-пандемијата наместо храна се купувало повеќе техничка опрема, но наведе дека ако анализите покажат дека е потребно, тогаш повторно ќе има таква мерка
Исплатата на најавената финансиска помош за ранливите категории граѓани е планирано да почне за од ноември, а истото важи и за најавената помош за пензионерите кои ќе земаат по 1 500 денари месечно. За да може да почне примената на овие антикризни мерки, според најавата на премиерот Димитар Ковачевски во неговото вечерашно гостување на ТВ 24, ќе се подготвува нов закон кој ќе треба да помине и во Собранието.
„Денеска на Влада донесовме одлука да се подготви закон за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани во време на криза. Намерата е од ноември да почнат исплатите на финансиските средства за овие категории на граѓани, 41 878 од ранливите категории и на 130 000 од категоријата на пензионерите. Се опфаќа поширок спектар на граѓани. Од ноември е планот да почне. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници во Собранието ќе бидат на висина на својата задача и дека веднаш, штом ќе биде во текот на оваа недела доставено законското решение, ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде одобрено“,
нагласи Ковачевски.
Помошта за пензионерите како што беше објаснето вчера, ќе биде 6 000 денари (по 1 500 денари месечно) за оние кои земаат пензија до 11 525 денари, како и 3 000 денари за тие со пензии од 11 525 до 14 000.
Ковачевски во телевизиското гостување зборуваше и за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се организира викенд без ДДВ, при што рече дека не е предлог на опозицијата туку на владиниот коалициски партнер ЛДП.
Премиерот рече дека во претходниот таков викенд во ковид-пандемијата наместо храна се купувало повеќе техничка опрема, но наведе дека ако анализите покажат дека е потребно, тогаш повторно ќе има таква мерка.
„Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е постар предлог на ЛДП. Треба да се видат ефектите и Министерството за економија ги прави тие анализи. Еднаш знаете дека имаше таков викенд. Ги разгледувавме ефектите што било купувано во тој викенд, излезе дека била купувана повеќе техничка опрема од храна, но ако треба да направиме ефекти во делот на техничка опрема, зошто да не го повториме уште еднаш“,
рече Ковачевски.