Во обраќањето, српскиот претседател зборувајќи за енергетската криза рече дека Србија, сепак, останува на ставот дека нема да воведува санкции кон Русија сè додека штетата што ја трпи не биде преголема
Србија планира да гради два нафтоводи, покрај постоечкиот што го има која доаѓа од Хрватска, а еден од нив ќе биде преку Северна Македонија, посочи српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до јавноста.
Обраќањето на Вучиќ, на кое тој зборуваше за плановите за справување со енергетската криза следува откако новиот пакет санкциите воведени кон Москва од ЕУ опфати ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји, што директно се одрази на Србија која сега не може да увезува од Русија преку ЈАНАФ. Првобитниот предлог на Европската комисија предвидуваше исклучок кога станува збор за испораките од Јадранскиот гасовод, но на инсистирање на некои земји членки на ЕУ тој предлог беше одбиен бидејќи ставот е дека нема оправдување Србија да биде изземена.
Во денешното обраќање, Вучиќ посочи дека ЈАНАФ е единствениот нафтовод со кој располага Србија и дека истиот оди преку Хрватска, која последните денови, според српскиот претседател, се покажа како недоверлив снабдувач.
„Србија ќе почне со изградба на нафтовод од Нови Сад до Унгарија, со цел да можеме да се приклучиме на унгарскиот нафтовод и да можеле да бираме поповолно“,
рече Вучиќ и додаде дека изградбата би чинела до 100 милиони евра, а потребното време ќе биде од 18 до 24 месеци.
Идејата на Белград, според него, е да гради нафтовод и низ Северна Македонија, до Драч, Албанија.
„Ќе започнеме брзи разговори со нашите партнери од Отворениот Балкан и регионот“,
рече Вучиќ.
Во однос на резерви на гориво, според неговата изјава, во случај некој да одлучи да ја прекине испораката Србија има доволно дизел за 75 дена, а бензин за 53 дена. Потоа, рече Вучиќ, ќе мора да набавува од Ирак каде цената е 20 отсто поскапа.
И покрај ваквите наводи, тој остана на ставот дека Србија нема да воведува санкции за Русија додека штетата што ја трпи не биде преголема, за што беше критикувана од ЕУ. Снабдувањето со руски гас, според него, не е единствената причина за ваквиот став.
„Ова не го правиме само поради поевтина цена на гасот или поддршката во Советот за безбедност во ОН, туку поради меѓународното јавно право и самопочитта затоа што знаеме што ни направија санкциите. Ќе ја задржиме таквата позиција додека штетата што ѝ се нанесува на Србија не биде толку голема да мораме да признаеме дека желбата на некои други да ја уништат позицијата на Србија е таква што мораме да признаеме нечија друга реалност“,
рече Вучиќ.