И во однос на медиумите, шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава порачува дека има простор за значителен напредок, при што нагласува дека МРТ и Агенцијата за медиуми немаат управни тела

Северна Македонија постигна историски напредок кон својата стратешка цел, а тоа е евроатлантската интеграција, приклучувањето кон НАТО и конечно започнување на пристапните преговори со ЕУ, нагласува во интервју за МИА шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
Сепак, потенцира Која, земјата има уште многу работа во неколку клучни области, вклучително и спроведувањето на реформската легислатива, стратегии и акциски планови создадени да го подобрат функционирањето на институциите, како и да го подобрат квалитетот на живот на луѓето. Една од тие области е правосудниот систем.
Која, кој наскоро ќе си замине од земјава, откако го отслужи својот четиригодишен мандат, како прв човек на ОБСЕ, нагласува дека поддршката за реформите во областа на правдата останува една од приоритетните области на работа на Мисијата, вклучително и поддршка за модернизација на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка.
„Кога пристигнав во Скопје, бев изненаден од феноменот кој го споменавте, екстремно ниското ниво на доверба на јавноста во судството. Според мене, зголемена транспарентност, непристрасност и ефективно и навремено носење пресуди за случаи се клучните фактори за зголемување на довербата кај јавноста. Мора да се почитуваат принципите на еднаквост пред законот и, секако, на судиите и обвинителите мора да им биде дозволено да ја работат својата работа без никакво надворешно влијание и низ која мора да покажат личен интегритет“, истакнува првиот човек на Мисијата на ОБСЕ во земјава.
Во однос на состојбата со медиумите во Северна Македонија, Која нагласува дека ситуацијата се подобрила за време на неговиот мандат, што се покажувало и со рангирањето на државата во меѓународни извештаи на оваа тема.
„Но сè уште постои значителен простор за напредок. Прво, целосно треба да се спроведува реформираната медиумска легислатива. Новите управни тела на МРТ и Агенцијата за медиуми не се поставени, а новинарите сè уште се соочуваат со тешки услови за работа, често добивајќи краткотрајни договори кои обезбедуваат мала работна сигурност. Нашата Мисија работеше напорно за да ги поддржи напорите за подобрување на безбедноста на новинарите и задоволство ни е што бројот на физички напади врз новинарите се намали во последните години“, вели Која.
Тој додаде дека за жал, бројот на случаи на кибер-насилство и онлајн-насилство, особено врз новинарки, расте.-Ги охрабривме релевантните владини институции да го подобрат својот одговор во вакви случаи. Исто така работевме на подобрување на професионалните стандарди за известување и зголемена медиумска покриеност за проблемите на ранливите групи во државата, истакнува Која.
Северна Македонија следната година е претседавач на ОБСЕ, а Која во интервјуто за МИА нагласува дека тоа е огромна задача, но и чест за земјава, која беше едногласно избрана како претседавач од сите 57 земји-учеснички.
„Имам голема почит кон амбасадорот Џундев и неговиот тим во Вашата Мисија во Виена и кон тимот составен од Владата да работи на Претседавањето овде во Скопје. Не се сомневам дека ќе работат извонредно како претседавач во многу тешка и комплексна средина“, потенцира Која.
За тоа кои се неговите следни ангажмани по завршувањето на мандатот во Скопје, вели дека како австриски дипломат „позајмен“ на ОБСЕ во последните четири години, ќе се врати во австриското Министерство за надворешни работи.
