Мицкоски додаде дека ако Владата не го реализира сценариото, ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски рече дека е исто толку загрижен колку и пред да влезе на неа. Сепак, тој оцени дека помошта и концептите што ги понудиле за справување со енергетската криза делувале прифатливо за премиерот и надлежните министри со кои денеска разговарале. Мицкоски додаде дека ако Владата не го реализира сценариото, ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата.
„Во периодот што следува е потребно силно да работиме, да ги надминеме сите проблеми што очигледно ќе ни се случуваат, бидејќи она првично сценарио што како претпоставка сите ние го имаме, а тоа е функционалност на трите блока во РЕК ‘Битола’, едниот блок во ‘Осломеј’ во Кичево, двете турбини во Неготино, вклучително и добрата кондиција на хидропотенцијалот, зајакнат со добриот капацитет на ТЕ-ТО Скопје, во суштина, е тешко да се реализира“,
изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, според податоците со кои располагаат, денеска работи само еден блок во Битола, не работат двете турбини во Неготино, туку само една, хидропотенцијалот не е на 75 отсто, туку на 29 отсто и состојбата е загрижувачка.
„Во Битола нема јаглен, нема јасна претстава дали имаме или немаме гас. Затоа сум загрижен и затоа треба да дадеме се да им помогнеме на граѓаните“,
нагласи Мицкоски.
Тој, по средбата со премиерот, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ изразила подготвеност да ги стави на располагање сите позиции, додека, како што истакна, од Ковачевски бил посочен министерот за економија Крешник Бектеши како лице за контакт.
„Веднаш ќе ги контактираме нашите позиции, контактите ќе бидат пренесени до министерот Крешник Бектеши и од тој момент, па натаму, очекуваме оваа неизвесност во која во моментот се наоѓа Македонија, граѓаните и стопанството – да се ублажи, односно да обезбедиме евтин ресурс со кој, пак, ќе можеме да обезбедиме евтина струја, односно поевтина од онаа на берзите и на тој начин ќе помогнеме на граѓаните, на стопанството и на државата“,
порача Мицкоски.
Мицкоски го изнесе својот предлог да се обезбеди, како што рече, значително поевтин ресурс за ТЕЦ Неготино, зголемена за трошоците за производство за тој ресурс, што ќе даде цена на електрична енергија најмалку два пати поевтина од берзанската.
„Таа количина на електрична енергија наш предлог е да им ја предадеме на стопанството, за да спасиме многу работни места. Компаниите не се во финансиска кондиција да плаќаат толку скапа струја, а еднаш ако затворат, тешко потоа ќе го вратат бизнисот. Го предложивме концептот за измени во Законот за енергетика, за мигрирање на јавните претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, според тарифата која ја плаќаат компаниите што се на регулираниот пазар и сите објекти кои се дел од образованието и од здравството. Затоа што трошоците ќе бидат големи, а парите ќе завршуваат кај трговците. Ако се обезбедат овие ресурси, тогаш Македонија ќе нема потреба од увоз на електрична енергија“,
додаде Мицкоски.