Партијата во својата објава на Фејсбук, каде што и го најави протестот, повика на мобилизација и на искажување антифашистички револт против, како што велат, империјализмот и антимакедонизмот. Протестот е најавен за 7 октомври, петок, со почеток од 11:30 часот, на улица „Македонски просветители“, пред ТЦ „Амам“ – Охрид. Официјалното отворање на клубот, пак, е закажано половина час подоцна, во 12 часот

Во пресрет на отворањето на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој треба да биде отворен в петок, политичката партија Левица повика на протест во Охрид на истиот ден, со цел, како што велат, зачувување на достоинството на македонската нација.
„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот цар Борис Трети, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!“,
посочуваат од Левица.
Партијата во својата објава на Фејсбук, каде што и го најави протестот, повика на мобилизација и на искажување антифашистички револт против, како што велат, империјализмот и антимакедонизмот.
„Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата! Не за славење на крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер!“,
додаваат од партијата.
Протестот е најавен за в петок, 7 октомври, со почеток од 11:30 часот, на улица „Македонски Просветители“, пред ТЦ Амам – Охрид.
Официјалното отворање на клубот, пак, е закажано половина час подоцна, во 12 часот.
Во однос на најавеното отворање на вториот бугарски клуб во земјава кој ќе го носи името „Цар Борис Трети“ вчера министерот за правда Никола Тупанчески кажа оти неговиот ресор нема никакви ингеренции во врска со отворањето на клубот.
Тој посочи дека за кратко време ќе биде одржана конститутивна седница на Работната група или ад хок телото кое е формирано во рамки на Владата, а кое треба да даде сопствено мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на Здружение или фондација.