Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска свика нови разговори на лидерите на ЕУ, а главна тема е коронавирусот.
Разговорот на лидерите ќе се одвива преку видеоконференција, најави Мишел на својот твитер-профил.
„Запирање на ширењето на вирусот, обезбедување доволни количества медицинска опрема, поинтензивни истражувања и ограничување на економските последици се клучни“,
нагласи Мишел.
Лидерите на ЕУ на 10 март на видеоконференција побараа секојдневна консултација со министрите за здравство и министрите за внатрешни работи на ЕУ и формираа така наречен „Корона фонд“ за помош во решавањето на економското влијание од пандемијата.
Европската комисија (ЕК) даде предлог за ограничување на извозот на медицинска опрема надвор од државите на ЕУ.
Во меѓувреме, ЕК соопшти дека потпретседателот на оваа институција, Франс Тимерманс, одлучил да се стави самиот во карантин до 20 март, јави дописничката на МИА од Брисел.
Тимерманс минатата недела имал состанок на 6 март со француската државна секретарка за екологија, Брин Поарсон, која е тестирана позитивно на коронавирусот.
„Тимерманс е во добра општа состојба и не покажува симптоми“,
соопштија од Европската комисија.
Неизвесно е меѓутоа со колку од другите еврокомесари тој бил во контакт и дали тие се сега ризични.
Портпаролот Ерик Мамер соопшти дека ниеден друг еврокомесар не се наоѓа во карантин моментално, „затоа што нема индикации дека потпретседателот е заразен“.
Самоизолацијата на 58-годишниот Тимерманс, посочија, е негова лична иницијатива иако тој се чувствува „одлично“.