Покрај од државни тендери, опозицијата обвини дека фирмата на кумот на премиерот, додека тој беше на претходната функција заменик-министер за финансии, склучила договор и со ЕВН, кој се однесува на изградба на фотоволтаични панели, а тежи над два милиони евра

Фирмата „КМГ ЕОЛ квазар“, основана Горанчо Паунов – кумот на премиерот Димитар Ковачевски, добила четири милиони евра само од ЕВН и државни тендери. Над два милиони од оваа сума се само од тендери од државата.
Со овие нови обвинувања денеска излезе ВМРО-ДПМНЕ во рамки на аферата, како што ја нарекоа, „Броило“.
Откако вчера пратеникот Миле Лефков рече дека фирмата „Пиксел груп“, основана од премиерот и неговиот кум, од основањето во ноември 2017 година до денес станала централна компанија околу која се вртат 26 милиони евра, денеска излезе со обвинувања околу втората фирма „КМГ ЕОЛ квазар“ основана само од Паунов.
Државните тендери од над два милиони евра, според Лефков, биле добиени од повеќе општини и институции.
„Се одело од крупни до најситни тендери. Па така само преку ЈКП ‘Комуналец’ Свети Николе во 4 наврати ‘КМГ ЕОЛ квазар’ зела над 100 000 евра. Еве го и доказот. Почнале со набавка од 19 000 евра во 2018 година, за на 1.10.2019 година, да склучат договор во висина од 30 000 евра, па на 14.10.2021 година уште еден од 19 000, и да завршат со уште еден договор од 30 000 евра на 25.10.2021 година, за целиот овој период власт во Свети Николе е СДС“,
рече Лефков.
Еден од најголемите набавки што оваа фирма ги вршела за државен субјект, наведе пратеникот, се две последователни за Јавното претпријатие „Пасишта“. Првата датира од 15 ноември 2019 и тежи 172 000 евра, додека втората е дупло „потешка“, односно изнесува 343 000 евра и е од 16 септември лани односно во периодот кога Ковачевски е заменик-министер за финансии.

Преостанатите тендери што ги добила фирмата, а кои ги наведе Лефков на прес-конференцијата, се од општините Ѓорче Петров и Чаир.
„Тендери за ‘КМГ ЕОЛ квазар‘ имало и од Општина Ѓорче Петров, со која склучува договор на 31.05.2021 година во висина од 48 000 евра. Договори се прават и со општина Чаир, еве ги и двата договори, договор Општина Чаир кој на 09.11.2021 година, склучува договор со фирмата на кумот на Ковачевски, кога тој е заменик министер за финансии во висина од 108 000 евра“,
рече пратеникот.
Договорот на фирмата на кумот на премиерот склучен со приватната ЕВН, пак, наведе тој, е за изградба на фотоволтаични панели, тежи над 2 милиони евра и е направен откако Ковачевски станал заменик-министер.
Објавувањето на, како што ја нарекува ВМРО-ДПМНЕ, аферата „Броило“, опозицијата ја најави на собраниска седница за пратенички прашања минатиот четврток. Тогаш пратеникот Лефков го праша премиерот кои фирми профитираат од енергетската криза и дали фирми блиски до него и во неговото опкружување земаат државни тендери поврзани со секторот енергетика.
Премиерот не негираше дека бил дел од сопственичката структура на фирмата „Пиксел груп“ која ја основал заедно со кумот Панов, но порача дека излегол од неа пред да стане заменик-министер.
„Сите активности што сум ги има во животот, можете да отидете на мојот ’Линкдин‘ профил и точно ќе видите каде сум работел, од која до која година сум работел, која фирма сум ја основал, каква улога сум имал и кога сум излегол од таа фирма. Точно е дека јас со финансиски средства и знаење имам учествувано во компанија која е во делот од висока технологија за обновливи извори на енергија. Пред да станам заменик-министер за финансии, ги повлеков комплетно ликвидните средства при основањето на компанијата и го отстапив уделот во таа компанија, што може да се провери во Централниот регистар. Од тој ден, јас немам ниту интереси, ниту никакви обврски ниту каква било врска со таа компанија со оглед дека си има нова сопственичка структура. Што таа компанија работи, дали остварува добивка, колкава добивка, тоа ќе мора да ја прашате компанијата со оглед дека јас немам веќе никакви удели во неа“,
одговори Ковачевски.
Со сличен одговор по вчерашната прва прес-конференција на Лефков за „Броило“, вчера излегоа и од СДСМ. Пратеничката Даниела Марковска рече дека премиерот и лидер на партијата имал вложено финансиски средства за обезбедување на почетната ликвидност на фирмата, но, како што рече одговарајќи на новинарски прашања, уште на 28 септември 2020 година во целост го повлекол износот.