До ден денес останува непознато кој го организирал атентатот на македонскиот претседател. Истражната постапка што се води против непознат сторител сè уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и планиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров преживеал

Пред 27 години, на 3 октомври, беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата.
На местото на атентатот загина возачот на Глиговор, Александар Спировски, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
До ден денес останува непознато кој го организирал атентатот на македонскиот претседател. Истражната постапка што се води против непознат сторител е сè уште отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и планиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров преживеал.
Нападот беше извршен со автомобил бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од својата резиденција на работното место во Собранието.
Во автомобил „ситроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движел кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата биле претресени 30 850 возила и прегледани повеќе од 15 000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188 000 лица, од кои 19 000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.