„Работите не му одат добро на терен како што планираше и сега се обидува со административни мерки да припои делови од територија на друга држава, која ниту била ниту ќе биде дел од Русија и тоа гледате дека практично никој во светот не го признава“, изјави денеска претседателот во Софија
Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска одговарајќи на новинарско прашање го осуди анектирањето на четирите украински региони од страна на Русија, истакнувајќи дека станува збор за илегален чин кој не е втемелен во ниту едно правило на меѓународното право и додаде оти се надева дека ваквата постапка е знак на слабост на рускиот претседател Владимир Путин.

„Работите не му одат добро на терен како што планираше и сега се обидува со административни мерки да припои делови од територија на друга држава, која ниту била ниту ќе биде дел од Русија и тоа гледате дека практично никој во светот не го признава“,
изјави денеска претседателот Пендаровски во Софија.
Тој потсети дека уште од самиот почеток на руската агресија на Украина, таа беше осудена од 141 земја-членка на Обединетите нации и до ден денес тоа мнозинство опстојува.
„Две третини од земјите членки на најголемата Светска организација ги имаат тие ставови дека тоа претставуваа прекршување на сите принципи на меѓународното право и поредок, онаков каков што беше познат по завршување на Втората светска војна“,
рече Пендаровски, одговарајќи на прашање на МИА.
Рускиот претседател, Владимир Путин вчера ги потпиша документите за соединување на самопрогласените народни републики Донецк и Луганск и Херсонската и Запорошката област со Русија. Покрај Путин, документите ги потпишаа и проруските лидери на овие региони, инсталирани од Москва.
Путин рече дека властите во Киев мора да го почитуваат изразот на слободната влоја на граѓаните кои на т.н. референдуми одлучиле да се соединат со Русија.
На собирот што се одржа на Црвениот плоштад во Москва во чест на анексијата на четирите украински територии, тој изјави дека Русија ќе „победи“ во конфликтот со Украина.
Во меѓувреме, западот и целиот демократски свет јасно ставија до знаење дека немаат намера некогаш да ги признаат референдумите и присоединувањето на четирите региони со Русија.
Кратко по церемонијата во Москва, од другата страна, во Киев, украинскиот претседател, Володимир Зеленски соопшти дека Украина официјално поднела „забрзана апликација“ за влез во НАТО.