Тој притоа одби да ги коментира внатрешните случувања во ДУИ, а во однос, пак на именувањата на директори што ги прави Градот Скопје, Ковачевски рече дека исто така нема никакво учество
Сигурен сум дека имаме владино мнозинство, одговори вечерва премиерот Димитар Ковачевски, на новинарско прашање, дали по превирањата во ДУИ и денешното назначување на двајца членови на т.н. „огнено крило“ во партијата на Ахмети се назначесни за директори на скопски јавни претпријатија од страна на градоначалничката Данела Арсовска.
Тој притоа одби да ги коментира внатрешните случувања во ДУИ.
Во однос, пак на именувањата на директори што ги прави Градот Скопје, Ковачевски рече дека исто така нема никакво учество.
„Сигурен сум дека имаме владино мнозинство. Не можам да коментирам внатрепартиски случувања во ДУИ, а во однос на именувања што ги прави Градот Скопје, јас немам никакво учество“,
рече Ковачевски.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска ги објави новите в.д. директори на неколку јавни скопски претпријатија на местото на претходните од ВМРО-ДПМНЕ кои или поднесоа оставки или беа разрешени од функциите во изминатиот период. Меѓу нив се и две имиња на членови на ДУИ – Саид Саид и Зухејр Реџепи.
Како што објави Телма се работи за членови на крилото во ДУИ познато како „огнена група“ која неодамна со отворено писмо побара промени во партијата.
Така, Саид Саид, претходно вработен во „Паркови и зеленило“, ќе го раководи ЈП „Улици и патишта“, додека на чело на „Паркови и зеленило“ доаѓа Зухејр Реџепи. И додека Саид е непознат за јавноста, Реџепи е син на поранешниот поглавар на исламската верска заедница Сулејман Реџепи.
Во саботата истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку јавно писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“.
Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Ден потоа, Ахмети порача дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него.
Според Ахмети, оваа реакција не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.