Очекуваната одлука за одложување на изборите, веројатно, ќе значи продолжување на мандатот на техничката влада и на парламентот кој моментно е распуштен.
Помалку од еден месец пред гласањето за нов собраниски состав и само една седмица пред стартот на кампањата, десеттите парламентарни избори се пред одложување поради ситуацијата со коронавирусот. Лидерите на двете најголеми партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, излегоа предмалку со слични позиции во однос на потребата од одложување на изборите и за договор за тоа на лидерска средба што би ја свикал претседателот Стево Пендаровски.
*поврзани вести: Мицкоски: Изборите треба да се одложат
И Заев бара одложување на изборите поради коронавирусот
Во претседателската вила на Водно попладнево ќе заседава Советот за безбедност, но без присуство на партиските лидери. Единствена тема на дневен ред е состојбата со ковид-19 во земјава. Претседателот на парламентот Талат Џафери вчера во изјава за „360 степени“ порача дека на седницата на Советот за безбедност треба да се разгледаат сите аспекти на ситуацијата што ја предизвика коронавирусот, вклучително со начините за одложување на изборите.
Политичките фактори се во дилема околу начинот на кој може да се изведе одложувањето на изборите, со оглед на уставните одредби кои не предвидуваат вакви ситуации. Со Уставот, единствено, е предвидено дека вонредни парламентарни избори се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието. Деветтиот состав на македонското Собрание беше распуштен на 16 февруари, за што гласаа пратеници од сите партии во законодавниот дом, согласно политичкиот договор што беше постигнат на лидерската средба во октомври кај претседателот Пендаровски. Тогаш лидерите на парламентарните партии договорија изборите да бидат вонредни и да се одржат на 12 април, поради што и дојде до изборот на техничката влада на 3 јануари годинава – сто дена пред изборите.
Иако на лидерската средба во Владата минатата седмица не се разговарало за откажување на изборите, туку само за преадаптација на кампањата, денеска повеќето политичките лидери настапуваат со ставови дека изборите треба да бидат ставени во втор план.
„Изборите и кампањата се последни во агендата на нашите приоритети, затоа што сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање на победа во заедничката борба против вирусот“,
изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Според проценки во ДИК, не е проблематично само како ќе се реализира гласањето и како ќе тече кампањата, туку и вклучувањето на илјадници административци во изборните комисии и во избирачките одбори, како и испраќањето на избирачки одбори во дијаспората.
Очекуваната одлука за одложување на изборите, веројатно, ќе значи продолжување на мандатот на техничката влада и на парламентот, кој моментно е распуштен. Од тоа како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот зависи дали овие избори ќе бидат вонредни или ќе влезат во редовниот термин, кој почнува да тече од септември годинава.
На денешната седница на Советот за безбедност се очекува да бидат разгледани и можностите за прогласување вонредна состојба. Во таков случај и институциите функционираат во специфични услови и со поспецифични надлежности, така што Владата може да носи одлуки со законска сила, наместо парламентот.