Судскиот совет денеска одлучувал и за барање за утврдување на одговорност кај судијка од Основниот кривичен суд Скопје, но во овој предмет не утврдил дека имало нестручно и несовесно работење
Судија од Врховниот суд доби писмена опомена за сторена дисциплинска повреда, одлучи денеска на седница Судскиот совет.
„Во врска со барањето за испитување одговорност кај судија од Врховниот суд, Судскиот совет одлучи да изрече писмена опомена за сторена дисциплинска повреда“,
соопштија од Советот.
Покрај за ова, членовите на ова тело одлучувале за уште едно барање за утврдување одговорност, но за судија во Основниот кривичен суд Скопје.
За разлика од случајот со врховниот судија, во овој Советот одлучил постапката да запре затоа што не биле утврдени елементи за нестручно и несовесно постапување.
Од Судскиот совет нема информации за што биле поднесени барањата за одговорност за судиите, ниту пак за кои судии станува збор. Меѓутоа, неофицијално според информациите на „360 степени“, станува збор судијката Елена Јосифовиќ од Кривичниот суд за која се констатирало дека не постапувала нестручно.
Судијата, пак, за кој е изречена писмена опомена, неофицијално, е Шпед Деваја. За него, „Фокус“ пред околу четири месеци пишуваше дека не се изземал од одлучување во предмет во кој бил адвокат на странка, пред да стане врховен судија.