Освен што ја предизвика кризата на јавното здравство, вирусот ја зарази и светската економија, пишува генералниот секретар на ОН во уводникот на португалскиот весник „Публико“
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се заложи светските влади усогласено да дејствуваат во спречувањето на рецесијата на светската економија поради ширењето на коронавирусот.
„Освен што ја предизвика кризата на јавното здравство, вирусот ја зарази и светската економија“, напиша Гутереш во уводникот на португалскиот дневен весник „Публико“, пренесе Хина.
„Ширењето на вирусот го наруши синџирот за набавка и предизвика пад на вложувањата и потрошувачката, што доведе до реална и сè поголема опасност од рецесија во светот. Ниту една земја не може сама да се бори. Повеќе од кога било претходно владите мора да соработуваат и да ја засилуваат економијата, да ги зголемат јавните вложувања, да ја поттикнуваат трговијата и да ги поддржат заедниците и поединците кои се зафатени од болеста“,
нагласува Гутереш.
Предвидувањата на ММФ
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) неодамна предупреди на сериозноста од забавување на светска економија поради пандемијата од коронавирусот, што ќе зависи од нејзиното траење и реакциите на владите.
ММФ во април треба да ги објави своите ажурирани економски прогнози.
ММФ и во декември предвидуваше светски раст од 3,3, отсто, но тоа беше пред нарушувањата на светско ниво кои беа поврзани со пандемијата од коронавирусот, како што беа затворањето на трговските синџири, ограничувањата на движење, откажувањето спортски и културни настани.
На почетокот на февруари директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди дека растот во 2020 година ќе биде помал од 2,9 отсто, колку што беше и во 2019 година, но не можеше да предвиди колку ќе изнесува тој.