Досега 20 000 Чеченци војувале во Украина и, според Кадиров, Чеченија веќе ги исполнила сите планови
Рамазан Кадиров, верен сојузник на Путин, изјави дека нема да има мобилизација во Чеченија.
Во гостување во телевизиска емисија Кадиров рече дека Чеченија го надминала планот за 254 отсто.
Според него, досега 20 000 Чеченци војувале во Украина и Чеченија ги исполнила сите планови.
„Покрај тоа, Чеченија има резерва од илјадници доброволци кои, доколку е потребно, ќе можат да влезат во редовите на бранителите на татковината“,
рече тој.
Пред два дена во Грозни, главниот град на Чеченија, се одржа мал протест против мобилизацијата. Кадиров им се закани на сите што ќе протестираат. Но, тој додаде дека чеченските мајки и сопруги можат да останат смирени, затоа што нема да има мобилизација на членовите на нивните семејства.
„Затоа, го повикувам населението на Чеченската Република, особено нашите мајки, да останат смирени“,
рече тој.
Пред два дена Владимир Путин нареди „делумна“ мобилизација во Русија за украинската војна, а рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека планот е да се регрутираат 300 000 лица. Веднаш штом беше најавена ваквата регрутација, на граничните премини се формираа километарски колони за излез, а летовите од Русија до европските држави се распродадени.