Од партијата велат дека Арсовска ја променила политичката страна, па ја повикуваат чесно да го каже тоа, а не наводната независност да ја темели со тоа што ќе ги оцрнува директорите на јавните претпријатија
По ВМРО-ДПМНЕ, и нејзиниот коалициски партнер Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) предводена од пратеникот Љупчо Димовски ѝ откажа поддршка на градоначалничката Данела Арсовска бидејќи, како што велат, таа ги изневерила партиите што ја поддржале, но и очекувањата на скопјани кои го поддржаа концептот за модерно Скопје.
Една година по стапувањето на функцијата на Арсовска, според СПМ, општиот заклучок е дека реализацијата на концептот е во стагнација или е исполнет многу малку.
„Социјалистичката партија на Македонија имаше разбирање за ставот на градоначалничката Данела Арсовска за нејзината независност во извршувањето на должноста и обврската во реализацијата на предизборните ветувања засновани на Програмата, во насока на нејзината максимална посветеност подеднакво кон сите граѓани. Меѓутоа, за сметка на декларативната независност, неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазднички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција и кои несебично учествуваа во изборната кампања. Со тоа сметаме дека таа, со потценувачкиот однос, не само што ги предаде политичките партии од Коалицијата Обнова на Македонија и пошироко кои искрено и цврсто застанаа зад неа, туку ја изневери довербата и очекувањата на граѓаните на Скопје кои го дадоа својот глас за неа и за Програмата ’Модерно Скопје‘“,
соопштија од СПМ.
Од оваа партија велат дека Арсовска ја променила политичката страна, па ја повикуваат чесно да го каже тоа, а не наводната независност да ја темели со тоа што ќе ги оцрнува директорите од јавните претпријатија. Трудат и дека сега во Град Скопје доминантна улога ќе има СДСМ.
Социјалистичката партија на Македонија во ниту еден случај нема да прифати да соучествува и да биде дел од новонастанатата констелација во Град Скопје каде што доминантна улога ќе има или ќе се работи под закрилата на политичка партија од извршната власт, осведочена со голиот материјално-финансиски интерес и со изневерување на интересите на граѓаните на државата и на Град Скопје, а со која СПМ одамна нема согласност за сите прашања по идеолошка и национална основа.
На откажувањето на поддршката на Арсовска од страна на СПМ, претходеше оставка од Ангеле Сотировски, кадар на оваа партија, од директорското место во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.