Слично сценарио беше и со Крим во 2014 година, кога Русија го анектираше по спроведен референдум кој од меѓународната заедница беше осуден како измама. Сега, анектирањето на овие делови од украинската територија ќе му овозможи на Кремљ да тврди дека Русија е нападната со оружје од НАТО
Речиси седум месеци по руската инвазија на Украина, четири области кои се под контрола на Москва најавија планови за итни „референдуми“ за приклучување кон Русија.
На најавите им претходеше изјава на заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев кој утрово изјави дека спроведување на гласање во источните региони Донецк и Луганск ќе ја исправи „историската неправда“ и оти таквите одлуки ниту еден иден лидер на Русија или друг функционер нема да може да ги промени.
По оваа изјава, набргу потоа проруските власти во самопрогласените републики Донецк и Луганск рекоа дека ќе организираат „референдум“ во периодот од 23 и 27 септември. Раководните лица инсталирани од Русија и во јужниот регион Херсон исто така рекоа дека ќе организираат гласање, а слични најави пристигнаа и од окупираното Запорожје.
Според тврдењата на руските медиуми, жителите во овие области ќе може да гласаат лично и од далечина.
Објавата на плановите следуваат откако украинската војска периодов успеа да ја запре руската инвазија и повторно да зазеде дел од својата територија на североистокот од земјата. Луганск е под руска контрола од јули годинава, а вчера украинските официјални лица од овој регион објавија дека успеале да го вратат под своја капа селото Билохоривка. Голем дел од Донецк, пак, е под украинска контрола, но Русија таму успеа да го зазеде крајбрежјето долж Азовското Море. Херсон, пак, беше заземен од Русите на почетокот на војната, но украинските сили успеаја да повратат дел од територијата, додека најголем дел од Запорожје сè уште е под украинска контрола.
По најавите за референдум во овие региони, Би-би-си во анализа потсетува дека слично сценарио беше и со Крим во 2014 година, кога Русија го анектираше по спроведен референдум кој од меѓународната заедница беше осуден како измама.
Меѓународната заедница никогаш не ја призна анексијата, но, наведува британскиот јавен сервис, одамна е јасно дека Русија има намера по истото сценарио да стави свој печат и во други региони.
Плановите за организирање гласање, шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба ги нарече „лажни референдуми“ кои нема да променат ништо.
Сепак, наведува Би-би-си, анектирањето на овие делови од украинската територија ќе му овозможи на Кремљ да тврди дека Русија е нападната со оружје од НАТО.
Фото: EPA-EFE/STR