Подготовките за конференцијата се во тек, а соговорниците изразија задоволство за можноста заеднички да придонесат кон зајакнување на врските меѓу ОБСЕ и земјите – партнери од медитеранот, соопшти МНР
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на 77-то Генерално Собрание на ОН, оствари средба со министерот за надворешни работи на Хашмитското Кралство Јордан, Ајман Хусеин ал-Сафади.
Како што соопштија од МНР, фокус на разговорот беше претстојната Медитеранска конференција на ОБСЕ, што Северна Македонија, како иден претседавач со Организацијата, одлучи да ја организира во Јордан. Подготовките за конференцијата се во тек, а соговорниците изразија задоволство за можноста заеднички да придонесат кон зајакнување на врските меѓу ОБСЕ и земјите – партнери од медитеранот.

Министерот Османи упати благодарност кон Ал-Садафи за подготвителните активности за ко-организирање на Медитеранската конференција која ќе се одржи кон крајот на Октомври во Јордан.
Соговорниците изразија уверување дека Конференцијата ќе биде заеднички успех за двете земји и дека ќе ја зголеми перспективата за заемна билатерална соработка во иднина, соопшттија од МНР.
Конфликтот во Украина, намалување на последиците од кризата, енергетската безбедност, како и безбедноста на храна и вода се главни приоритети во претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Министерот за надворешни работи Османи, на почетокот на месецов во Виена, ги претстави приоритетите, истакнувајќи дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на ОБСЕ и дека истите имаат повеќекратна цел – да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите.
