Властите денеска привремено мораа да го стопираат влезот во редот за обиколка на ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора, бидејќи времето на чекање достигна 14 часа. И покрај повторно отворениот пристап до Вестминстерската палата каде што е изложен ковчегот на кралицата, властите предупредуваат оти за влез се чека повеќе од 24 часа
По пауза од шест часа, пристапот до поворката за влез во Вестминстерската палата каде што е изложен ковчегот со посмртните останки на кралицата Елизабета Втора е повторно отворен, но се чека повеќе од 24 часа.

Властите денеска привремено мораа да го стопираат влезот во редот за обиколка на ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора, бидејќи времето на чекање достигна 14 часа.
„Пристапот до поворката е обновен. Внимавајте, се чека повеќе од 24 часа, а температурите ќе бидат ниски во текот на ноќта“,
предупредуваат од Владата, притоа посочувајќи на можноста од повторно затворање на пристапот кон колоната.
Освен големиот број на граѓани кои за последен пат се простуваат од најдолговечниот британски монарх, вечерва, како што јави Би-би-си, во Вестминстерската палата пристигнаа и четирите деца на кралицата, кралот Чарлс Трети, принцезата Ана и принцовите Ендру и Едвард и ги зазедоа своите места покрај ковчегот, оддавајќи ѝ почит на кралицата.
Утре, пак, се очекува осумте внуци на кралицата Елизабета Втора ѝ оддадат почит со 15-минутно стоење покрај нејзиниот ковчег.
Лондонската полиција соопшти дека државниот погреб на кралицата Елизабета Втора кој ќе се одржи в понедлник ќе биде најголемата безбедносна операција што некогаш ја презела.
Погребот на најдолговечниот британски монарх се очекува да привлече стотици илјади луѓе на лондонските улици, нешто слично како на другите важни настани во историјата на Британија, вклучувајќи го и крунисувањето на кралицата во 1953 година, погребот на поранешниот премиер Винстон Черчил во 1965 година и смртта на принцезата Дијана во 1997 година.