Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за надворешни работи на денешниот брифинг рече дека нашите институции имаат индиции за руско влијание врз партиско-политичкиот живот кај нас преку одредени извори на финансирање
Нашите анализи и институции имаат индиции за руско влијание врз партиско-политичкиот живот кај нас преку одредени извори на финансирање, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали од Стејт департментот добиле информации за влез на руски пари за пропаганда во земјава, во контекст на телеграмата од оваа институција до американските амбасади за такви случаи во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, Османи рече дека не добиле ништо дополнително што се однесува на нашата земја.
„Во рамки на оваа информација од Стејт департментот, немаме дополнителни информации за случувањата во нашата држава, но во нашите анализи и институции има, и тоа во неколку наврати е констатирани дека има обиди за вмешување во партиско-политичкиот живот во РСМ, но мислам дека тие прашања ги добиват институциите што се надлежни за тоа“,
рече Османи.

Тој тука не спомена конкретни примери за тоа, но подоцна во одговор на новинарско прашање за неговиот став по најавата на Левица за поднесување нова иницијатива за референдум за Договорот со Бугарија, рече дека оваа партија е во функција на руската пропаганда за да го сврти македонскиот народ против ЕУ и САД.
„Еднонационален референдум за стратегиски прашања за државата е опасен преседан за РСМ и тоа не смее да се случи. Видете, овде од МНР сум ограничен да коментирам, но за Левица имам свој став – дека тие не се македонска партија, туку тие се партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД. Мислам дека на државата не може да ѝ направат многу штета бидејќи во земјава има поширок консензус за правецот. Но на народот кој го претставуваат можат да направат многу штета бидејќи можат да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Затоа мислам дека ние не треба да паднеме на пропагандата која е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, па потоа и кон другите народи надвор од државата. Мислам дека легитимно е партиите да ги корист сите овие незадоволства и фрустрации на народот за да ги исполнат своите политички цели, но мора да има одредени граници – не на сметка на иднината на државата, не на сметка на граѓаните“,
рече Османи.