Според новиот закон од 2020 година, новиот шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ќе се избира со гласање на сите обвинители во државата. Гласањето е закажано за 31 октомври
Советот на јавни обвинители денеска распиша оглас за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Распишувањето на огласот е во пресрет на истекот на мандатот на досегашната шефица Вилма Русковска, кој завршува во ноември годинава.
Според Законот за јавно обвинителство, може да аплицираат кандидати што имаат непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавни обвинители до моментот на пријавување на огласот и кандидати што се оценети со позитивни оценки последните три години.
Рокот за пријавување е 15 дена, а други услови што треба да ги исполни секој кандидат се:
- Да е државјанин на Република Северна Македонија;
- Активно да го владее македонскиот јазик;
- Да има деловна способност;
- Да има завршени правни студии со стекнати 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или нострифицирана диплома од правни студии во странство за стекнати 300 кредити;
- Да има положено правосуден испит во Република Северна Македонија.
Според новиот закон од 2020 година, новиот шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција по првпат ќе се избира со гласање на сите обвинители во државата. Ова гласање е закажано за 31 октомври.
Откако ќе заврши рокот за пријавување кандидати, Советот на јавни обвинители ќе треба да формира Комисија за спроведување на гласањето. По денот на гласање, Советот има рок од седум дена за да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Актуелната шефица на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција во моментов е под суспензија, решение што го донесе републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Нејзината суспензија следуваше откако против неа беше поведена дисциплинска постапка и беше поднесена кривична пријава во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата.
Како привремен шеф додека трае нејзината суспензија кон крајот на август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.