Нели Мицкоски кажува дека кога и да има избори ќе ја освои власта, па според член 13 став 3 од Договорот како извршна власт може да го прекине Договорот и да ја извести другата страна, порача вечерва координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески
Иницијатива за референдум на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е спротивна на македонскиот устав и треба да се отфрли, порачаа вечерва од СДСМ.
Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите и коалицијата, Јован Митрески, вечерва на прес-конференција излезе со ист партиски став како и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој во писмо до Мицкоски ја отфрли иницијативата. Како што рече Митрески, иницијативата е спротивна на членот 118 од Уставот.
„Уставот како највисок правен акт е јасен. Во член 118 јасно се предвидува дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Договорот за добрососедство е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува со закон. Очигледно е дека Мицкоски намерно ја смислил и поднел оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивна на македонскиот Устав со единствена цел само да создава тензии, да го манипулира народот, свесен дека нема да успее“,
рече Митрески.
Тој му порача на лидерот на опозициската партија дека Собранието не може со закон да прекине друг закон затоа што тоа е спротивно на членот 118, но укинување може да направи извршната власт (Владата) што е предвидено и во самиот Договор за добрососедство.
„Сите знаат дека овој референдум нема да успее и не е зацртан на ваков начин со цел да успее. И тој самиот знае дека нема да успее. Затоа впрочем и сака да се скрие зад граѓаните. Зошто? Нели кажува дека кога и да има избори ќе ја освои власта, па според член 13 став 3 од Договорот како извршна власт може да го прекине Договорот и да ја извести другата страна… Но тој сака да се скрие и потоа да има алиби за правдање дека нема да го укине Договорот затоа што едно зборува пред неговите членови, едно на протестите, друго на други места … Прави сè само за да ја заштити сопствената фотелја во Белиот дворец и групата околу него. Ова ВМРО-ДПМНЕ не е тоа од 90-тите години кога гласале државнички и стратешки одлуки за наше членство во ЕУ и НАТО“,
рече Митрески.
Од СДСМ оценија и дека иницијативата на Мицкоски е директно насочена кон попречување на патот кон ЕУ; против македонскиот јазик во ЕУ и против заштитата на македонскиот идентитет и посебност.
„Мицкоски е против ЕУ и НАТО, сака да застанеме, да се вратиме назад во едно време на застој и изолација. Почнавме преговори со ЕУ како Македонци, а нашиот македонски јазик влезе во ЕУ и враќање од тој пат нема. Нашето членство во НАТО зависи токму од резолуциите и договорите кои се ратификувани во македонското Собрание“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Митрески потсети и дека Мицкоски и неговите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не изнеле свој став во Собранието кога се ратификувал договор и не ни гласале „против“, а сега, како што рече, сакаат да се скријат зад народот
„Мицкоски сакаше да ја префрли одговорноста на граѓаните, а неговите пратеници не гласаа во Собранието. Само бараше и бара алиби за сопствените неуспеси. Затоа му текна после пет години да се обидува со измама да оспорува договор кој патем придонесе за нашето членство во НАТО и за кој тој самиот рече на добар бугарски јазик дека, цитирам: Поткрепа сè што е добро за двете части. Можеби тоа е за да го одолговлекува вниманието на јавноста од неработењето и криминалот на директорите и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, но во време на најголема економска и енергетска криза, во пресрет на тешка и неизвесна зима крајно неодговорно е, би рекол и недозволиво, да се потрошат осум милиони евра на граѓаните за да се спаси Мицкоски“,
рече Митрески.
Попладнево и претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија со тврдење дека таа е спротивна на Уставот.