„Истовремено во овие трезвени моменти даваме почит и поддршка за нашиот долгогодишен пријател, Кралот Чарлс Трети, заедно со новата Влада предводена од нејзината екселенција Лиз Трас, со надеж за понатамошна уште поинтензивна соработка помеѓу нашите пријателски народи“, се наведува во владиното соопштение по повод смртта на британската кралица Елизабета Втора
Владата на Република Северна Македонија изрази длабоко сочувство до Владата на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и нејзиниот народ по повод смртта на кралицата Елизабета Втора која што почина денеска на 96-годишна возраст.
Од Владата посочуваат дека Кралицата Елизабета Втора беше составен дел од современата историја и сведок на неверојатни општествени пресврти и трансформации во изминативе 70 години, а нејзиното владеење беше сведок и светол факел врз планетарното освестување и транзиција кон демократски системи ширум светот.
„Истовремено во овие трезвени моменти даваме почит и поддршка за нашиот долгогодишен пријател, Кралот Чарлс Трети, заедно со новата Влада предводена од нејзината екселенција Лиз Трас, со надеж за понатамошна уште поинтензивна соработка помеѓу нашите пријателски народи“,
се наведува во владиното соопштение.
По објавата за смртта на британската кралица, премиерот Димитар Ковачевски преку фејсбук-статус оддаде почит и изрази сочувство поради нејзината смрт.
„Во името на граѓаните и Владата на Северна Македонија оддаваме почит и благодарност до нејзиното величество кралицата Елизабета Втора. Нејзиниот извонреден живот низ кој беше константа на најголемите светски промени е лекција и инспирација. Нека почива во мир“,
стои во фејсбук-објавата на Ковачевски.
Претходно денеска и претседателот Стево Пендаровски на својата фејсбук-страница изрази сочувство за смртта на кралицата Елизабета Втора.