Судијата Ставрев посочи дека актерката се гони оти била дел од организирана мрежа на препродавачи, но такво нешто судот не видел во доказите. Вие евентуално, рече судијата, сте биле помагач или такво нешто, но таквото нешто го нема во обвинението против вас
Адвокатот на Стојановска вели дека несреќата во овој случај е врската со нејзиниот бивш брачен другар и, за жал, тврди тој, таа брачна врска била единствен аргумент на обвинителството
Актерката Силвија Стојановска доби ослободителна пресуда во повтореното судење пред Основниот кривичен суд Скопје во случајот за транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.
Во првото судење таа доби 3 години и 6 месеци затвор, а нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ седум. Меѓутоа, Апелацискиот суд ја потврди пресудата за Будисавјевиќ и ја зголеми казната на 12 години, додека за актерката го врати предметот на повторно судење.
Меѓутоа, како што објаснија од судот, во повтореното судење се следеле напатствијата од Апелација, се анализирале докази и од нив не се гледа мрежата, односно учеството на актерката во неа.
„Овој судечки совет смета дека јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомнение дека таа го сторила делото“,
рече судијата Огнен Ставрев кој е на чело на судечкиот совет.
Актерката се гонеше по член 215 од Кривичниот законик за кој во првиот став вели дека „тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години“.
Актерката се гонеше дека е дел од мрежа, но судијата рече дека не се докажало такво нешто и оти можеби Стојановска евентуално била помагач, но такво нешто во обвинението воопшто нема.
„Меѓутоа ставот 3 од овој член со кој сте Вие обвинети вика дека ‘ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години’. Меѓутоа овој суд утврди дека мрежата не ја гледаме овде, дека вие евентуално сте биле помагач или такво нешто, но таквото нешто го нема во обвинението против вас“,
рече судијата Ставрев.

Нејзиниот адвокат Димитар Савовски по изрекувањето на пресудата рече дека не можело да се очекува ништо поинаку од ослободителна пресуда. Апелација, вели тој, ги уважила сите жалбени наводи на одбраната на актерката и според адвокатот било илузорно и апсурдно повторно да има осудителна пресуда и да се поднесува нова жалба до второстепениот суд.
„И во повторената постапка се изведоа истите докази, други не се приложија, а од доказите што ги приложи обвинителството гледате дека не произлезе дека Силвија Стојановска е виновна за она што беше побарано… Ставот три од членот се однесува на организирана група и таа е член на организирана група, а од доказите не произлезе дека Силвија воопшто членувала во таква меѓународна група која се занимава со трговија на дрога. Несреќата е нејзиниот бивш брачен другар и, за жал, единствен аргумент на обвинителот беше нејзината брачна врска со обвинетиот и неговиот брат. Цело време се темелеше обвинението на таа брачна врска како таа морала да знае што работат бившиот сопруг и неговиот брат“,
изјави Савовски.
Доколку, пак, обвинителството поднесе жалба, со оглед дека веќе еднаш беше вратен предметот, тогаш одлуката на Апеплација ќе биде правосилна. Доколку не поднесе жалба, по истекување на рокот, пресудата од Кривичен ќе стане правосилна. Откако ќе стане правосилна, одбраната на актерката најавува дека ќе бара и отштета без разлика што и таа постапка е долга.
„Тоа е постапка што следува по правосилноста на пресудата, апсолутно има право за нарушен углед, изгубена добивка… Меѓутоа, за жал, нашата извршна власт не е спремна да се спогодува по овие прашања, не само по овој предмет, така говори искуството. Така што повторно ќе треба едно две години да се судиме со државата, да се утврди која е штетата, каква е.“,
рече Савовски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција обвинението за овој случај го поднесе на 12 јуни 2020 година откако претходно беше отворена истрага во рамки на меѓународната операција под кодно име „Колибри“ во која имаше апсења на три лица и во Шпанија. Еден од нив беше братот на Будисавјевиќ.
Со обвинението за Стојановска и нејзиниот тогашен партнер, обвинителството тврдеше дека утврдило оти во втората половина на 2019 година тие учествувале во купување, пренесување и препродавање кокаин во количина од речиси 700 килограми.
„Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на наркотична дрога – кокаин од Колумбија до Мадрид, Кралство Шпанија, и барале купувачи на истата. За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење на енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање на евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (PROTECT 1207i)“,
тврдеше обвинителството кога го поднесе обвинението.