Тимот кој беше дел од мисијата на МААЕ во понеделник ја напушти нуклеарната централа, но двајца членови останаа таму за да ја следат состојба
Има итна потреба да се воведат привремени мерки за да се спречи нуклеарна несреќа што е резултат на оштетувањето од месеци артилериски напади кон нуклеарната централа Запорожје.
Ова го порачуваат од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која денеска го објави извештајот откако минатата недела нејзин тим пристигна во нуклеарната централа која од март годинава е под контрола на руската војска, но со која се уште управува украинскиот оператор Енергоатом.
Во извештајот МААЕ истакнува дека е потребно да се воспостави зона на нуклеарна безбедност околу централната, како и дека се уште е многу загрижена за ситуацијата која се нема променето.
Тимот на агенцијата забележал штета направена на различни локации, од кои некои биле во близина на зградата на реакторот, а исто така во извештајот се препорачува да се подобрат условите под кои украинскиот персонал работи во нуклеарната централа.
„Украинскиот персонал е под постојан висок стрес и притисок, особено со ограничената работна сила која е на располагање“,
соопшти МААЕ, додавајќи дека тоа не е одржливо и може да доведе до зголемена човечка грешка што може да има влијание врз нуклеарната безбедност.
Од агенцијата предупредуваат дека евентуална нуклеарна несреќа би имала сериозни последици во Украина, но и надвор од нејзините граници.
Меѓународната заедница, посочуваат од МААЕ, се потпира на нашата процена на ситуацијата и на тоа да ја известуваме точно и навремено. Во таа насока, посочуваат дека присуството на тимот на Агенцијата во нуклеарната централа ќе биде од исклучително значење за ситуацијата да остане стабилна.
„Ова исто така би требало да ѝ овозможи на МААЕ да ја следи ситуацијата на терен и да дојде до директни, брзи и релевантни информации. Експертите ќе спроведат детална и континуирана процена на физичките оштетувања на објектот, ќе ја утврди функционалноста на главниот и резервните безбедносни системи и ќе ги проценува условите за работа на персоналот“,
наведуваат од Меѓународната агенција.
Тимот кој беше дел од мисијата на МААЕ во понеделник ја напушти нуклеарната централа, но двајца членови останаа таму за да ја следат состојба.