Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот
Доколку во наредните два до три месеци Собранието не успее да избере нови судии, работата на Уставниот суд би можела целосно да се закочи бидејќи во ноември годинава истекува деветгодишниот мандат и на судијката Вангелина Маркудова
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница треба да ја продолжи дебатата за предлозите за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Вчера попладнето членовите на Комисијата ја завршија расправата за предлогот за судија во Уставниот суд Татјана Васиќ-Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати.
За предложената кандидатка за уставен судија вчера зборуваа главно пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за тоа зошто таа не треба да биде избрана на оваа функција, а еден од аргументите беше дека таа е блиска до владејачката СДСМ.
Пратеникот Панчо Минов кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваа кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.
Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а по завршувањето на расправата за Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.
Од шестемина кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.
Тројцата уставни судии што треба да се изберат ќе ги пополнат местата на поранешните судии Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, чиј мандат истече уште на крајот на мај 2021 година.
Седницата за пополнување на испразнетите места официјално започна во јуни лани, но поради несогласувањата помеѓу власта и опозицијата, блокадите, локалните избори, а потоа и преструктурирањето на владејачкото мнозинство и промените во составот на Комисијата, речиси една година пратеници не успеаја да утврдат предлози.
Пратениците конечно ги предложија споменатите девет имиња и почнаа дебата за нив во мај годинава.
Покрај тројцата нови уставни судии кои треба да се изберат во оваа постапка, треба да се распише оглас за уште еден судија затоа што во меѓувреме (во јануари 2022 г.) и на Јован Јосифовски му заврши деветгодишниот мандат. Со недостиг од четири судии, Уставен изминатиот период функционира само со петмина односно е на работ од потребниот кворум за да може воопшто да одржува седници, а за многу поднесени иницијативи не можеше да одлучува бидејќи немаше потребно мнозинство.
Доколку во наредните два до три месеци Собранието не успее да избере нови судии, работата на Уставен би можела целосно да се закочи бидејќи во ноември годинава истекува деветгодишниот мандат и на судијката Вангелина Маркудова.
