Ко-основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс се повлече од управниот одбор на компанијата за да може, како што вели, да има повеќе време за филантропски активности.
Како што јавува Би-би-си, Гејтс сака да се фокусира на глобалното здравје и развој, образованието и на проблемот со климатските промени.
Тој во исто време решил да го напушти и управниот одбор на холдингот „Беркшир Хатавеј“ на милијардерот Ворен Бафет.
Инаку, од лидерската позиција во Мајкрософт Гејтс си замина уште во 2008 година.

Објавувајќи го повлекувањето и од управниот одбор, Гејтс, како што пишува Би–би-си, истакнал дека компанијата „секогаш ќе биде важен дел од неговиот живот“, а тој и натаму ќе придонесува за неа во соработка со раководството.
„Но, со нетрпение ја очекувам следната фаза затоа што е можно да работам на пријателства и партнерства што најмногу ми значеа, додека сепак придонесувам за две компании на кои сум неверојатно горд и да се посветам на решавање на некои од најтешките проблеми во светот“, рекол тој.
Бил Гејтс е вториот најбогат човек на светот по оснoвачот на Амазон, Џеф Безос. Се проценува дека „тежи“ над 103 милијарди долари.