Косовската влада на вонредна седница вечерва одлучи од утре да воведе поригорозни мерки за справување со коронавирусот. Во земјата денеска беа регистрирани првите два случаи на заразени со Ковид-19.
Од утре се затворат кафулињата, сточните и авто-пазарите и трговските центри, а од понеделник, 16 март, ќе бидат прекинати сите авиолинии во земјата.
Премиерот Албин Курти, по вонредната седница на Владата, откако претходно беше објавено дека во земјата се регистрирани првите два случаи со коронавирус, објави и дека целосно се прекинува јавниот превоз и препорача, секаде каде што тоа е можно, вработените во фирмите да работат од дома.
Времената мерка за затворање на повеќето трговски објекти нема да важи за маркетите и аптеките. Одложени се сите културни и спортски натпревари.
Курти и министерот за здравство Арбен Витиа, претходно, попладнево на вонредна прес-конференција објавија дека во земјата се регистрирани првите два случаи на заразени со коронавирус во земјата. Едната пациентка е 20-годишна италијанска државјанка, а вториот случај е 77-годишен косовски државјанин.
Премиерот порача дека нема место за паника и побара од граѓаните да ги почитуваат владините мерки за превенција од заразата, особено со водење сметка за хигиената и избегнување на местата каде што има поголемо присуство на народ.