Претседателот на Советот на јавни обвинители вели дека Пеливанов се определува само како времена замена и тој не е вршител на должност
Обвинителот Трајче Пеливанов ќе биде шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција додека трае суспензијата на Вилма Русковска.
Одлуката беше донесена на денешната 64. седница на Советот на јавни обвинители од каде што објаснуваат дека назначиле привремен шеф бидејќи станува збор за обвинителство каде што се гони сериозен организиран криминал и не треба истото да се остави без раководител.
„Назначивме бидејќи во постапката која се води сегашната шефица Вилма Русковска не може да ја врши функцијата, не е таму физички, од друга страна, првата заменичка исто така е вклучена во кривичната постапка и во дисциплинската, така што мораше да се назначи лице кое ќе раководи додека е оддалечена обвинителката. Сепак се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да стои без команда, без некој таму да раководи“,
изјави претседателот на Советот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски за МИА.
Доколку постапката за Русковска се заврши и таа се врати на работа, обвинителката повторно ќе биде шефица на ова обвинителството, но доколку тоа не се случи до истекот на нејзиниот мандат во ноември, тогаш за шеф ќе биде назначен некој од актуелните обвинители.
„Ова се определува само како времена замена, не е вршител на должноста. Тој (Пеливанов) е определен колку во меѓувреме да може да прима пошта, да потпишува, да може да се подига плата, не е како класичен вршител на должноста, а ова е законски регулирано во член 9 за Совет на јавни обвинители“,
појаснува Јолевски.
Пеливанов беше дел од тимот обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција беше избран во април 2021 година.
Тој ќе ја менува Русковска откако републичкиот обвинител Љубомир Јовески повикувајќи се на членот 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе решение за оддалечување од функцијата на актуелната шефица додека трае дисциплинската постапка против неа во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата.