Претседателот на САД, Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во земјата поради ширењето на новиот коронавирус.
Во своето обраќање тој истакна дека ќе распредели 50 милијарди долари за борба против Ковид-19 и спречување на неговото ширење.
Тој ја задолжи секоја од државите да формира центри за итни случаи, кои ќе даваат помош на граѓаните.
Обраќањето на Трамп со дополнителните прашања од медиумите трае повеќе од еден час.
Една од мерките што Трамп претходно ги донесе е забраната за влез на граѓаните на 26 држави од Европа. Северна Македонија не е опфатена со забраната на Трамп.
Мерката ќе биде на сила 30 дена и се однесува на луѓето, а не и на производите што се извезуваат од Европа во САД.
„САД имаат драматично помалку случаи на заразени од вирусот отколку Европа. ЕУ не забрани патувања од Кина и од други жаришта. Како резултат на тоа, голем број нови случаи во САД беа ‘насадени“ од луѓе што дојдоа од Европа“,
ја образложи Трамп својата одлука.
Со забраната се опфатени 26. држави кои се дел од Шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Велика Британија не е дел од забраната на Доналд Трамп.
Од државите од непосредното соседство на Македонија, мерката се однесува само на Грција. Бугарија, Романија и Хрватска, иако се дел од Европската Унија, не се дел од Шенген-зоната.