Ванеса Брајант изјави дека имала панични напади откако дознала дека се споделуваат фотографии направени од замениците на шерифот на округот Лос Анџелес и пожарникарите
На вдовицата на Коби Брајант судот ѝ досуди отштета од 16 милиони долари поради објавените фотографии од хеликоптерската несреќа во 2020 година во која загинаа американската кошаркарска ѕвезда и неговата ќерка Џијана.
Ванеса Брајант (40) изјави дека имала панични напади откако дознала дека се споделуваат фотографии направени од замениците на шерифот на округот Лос Анџелес и пожарникарите.

Федералниот суд пресуди дека округот Лос Анџелес мора да плати за емоционалната болка што ја претрпе вдовицата на Брајант како резултат на тоа.
Исто така, судот одлучи на Кристофер Честер, кој во истата несреќа ги загуби сопругата Сара и ќерката Пејтон, да му исплатат 15 милиони долари.
„Овој случај отсекогаш бил за одговорност. А сега поротата е едногласна“,
изјави нејзиниот адвокат Луис Ли.

Окружниот обвинител Мира Хашмал во изјава рече дека, иако не се согласува со наодите на поротата за одговорност, верува дека паричниот износ покажал дека поротниците не веруваат оти доказите го поддржуваат барањето на тужителите од 75 милиони долари за емоционална вознемиреност.
„Ќе разговараме за следните чекори со нашиот клиент. Во меѓувреме, се надеваме дека семејствата Брајант и Честер ќе продолжат да закрепнуваат од нивната трагична загуба“,
се вели во соопштението.
По пресудата, Ванеса Брајант на Инстаграм објави фотографија од Коби и Џијана со коментар:
„Сè за тебе! Те сакам! Правда за Коби и Џиџи!“
Предмет на судењето беа фотографии од урнатиот хеликоптер, како и телата на жртвите. Обвинителите на семејствата тврдеа дека фотографиите на нивните најблиски предизвикале емоционална вознемиреност и ја нарушиле нивната приватност. Тие сведочеа дека живеат во страв дека фотографиите би можеле да се појават повторно и покрај тврдењето на округот Лос Анџелес дека се уништени.