Говорејќи пред украинскот државен врв, како и пред лидерите на држави и влади на земји членки на НАТО и на ЕУ кои беа дел од Самитот на Меѓународната платформа за Крим, премиерот Ковачевски истакна дека Руската агресија врз Украина е недозволиво кршење на меѓународното право и дека Северна Македонија ги осудува воените напади врз Украина и злосторствата од руски сили врз цивилното население
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на Самитот на Меѓународната платформа за Крим, порачувајќи дека Северна Македонија изразува силна поддршка на обединувачкиот карактер на Украина, на нејзината независност, суверенитет, територијален интегритет, како и на неповредливоста на нејзините граници.

Говорејќи пред украинскот државен врв, како и пред лидерите на држави и влади на земји членки на НАТО и на ЕУ, Ковачевски истакна дека руската агресија врз Украина е недозволиво кршење на меѓународното право и дека Северна Македонија ги осудува воените напади врз Украина и злосторствата од руски сили врз цивилното население.
„Република Северна Македонија затоа се постави стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија, во однос на војната во Украина и се приклучивме на сите рестриктивни мерки и санкции кон Руската Федерација. Придружувањето кон активностите и политики на ЕУ и на демократскиот свет, за нас значи застанување на вистинската страна – во вистински момент“,
оцени премиерот Ковачевски.
Тој констатираше дека една година по основањето Меѓународната Кримска платформа, која што има за цел да ја зголеми ефективноста на меѓународниот одговор кон тековната окупација на Крим и на таквите намери и кон други делови на Украина, се покажуваат обединетите напори да се застане заеднички на патот на растечките безбедносни закани, за коишто, како што кажа, сме свесни дека може да заземат непосакувани размери и затоа е добро што продолжуваат обединетите напори за нивно спречување.
Оваа платформа, додаде премиерот, е резултат на тие обединети напори, но и на солидарноста меѓу членките на Европската Унија и на НАТО и добро што е правилно сфатена пораката на демократскиот свет.
„Да, заедно сме и обединети и во заложбите да се спречи понатамошно кршење на човековите права во Украина, со цел заштита на украинскиот народ и на Украина, од окупацискиот режим. Ова покажување сила, на една географски поголема држава, врз една географски помала држава, определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив пример, што не смее да стане пракса. Пушките и тенковите мора да останат во историјата. Дипломатијата и пенкалата се средствата за разбирање на дијалошките маси во 21 век, бидејќи, да мирот е најмоќното оружје на човештвото“,
укажа премиерот.
Тој нагласи дека прекинот на војната во Украина нема да ги врати жртвите, но прекинот на војната – ден порано, ќе спречи нови жртви, а ќе даде шанса и за рехабилитација на економиите, што е неопходно и е очекување на граѓаните од политичките раководства.
„Како премиер на Република Северна Македонија би сакал да потврдам дека ние остануваме посветени на поддршката на Украина и украинскиот народ и во оваа прилика се придружувам на повиците кон Руската Федерација да ја запре веднаш неиспровоцираната и неоправдана инвазија и да се воздржи од понатамошни воени дејствија во цела Украина. Иднината на светот зависи од тоа што го прави денес, а светот – тоа сме сите ние, тоа се сите држави, без исклучок!“,
порача премиерот Ковачевски.
На вториот Самит на Меѓународната платформа за Крим, покрај премиерот Ковачевски учествуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
На меѓународна конференција за Крим, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска вети дека ќе ја врати украинската контрола над полуостровот Крим со што, како што додаде, ќе се помогне повторно да се воспостави светскиот ред и закон.
Зеленски изјави дека враќањето на контролата над полуостровот, што Русија го зазеде и анектира во 2014 година, би било најголем антивоен чекор.
„Сè започна со Крим и ќе заврши со Крим“,
истакна Зеленски.
Украинскиот претседател посочи дека Русија го претворила Крим во зона на еколошка катастрофа и воена отскочна даска за агресија и дека го користела за истрелување 750 крстосувачки ракети кон градови и села.
