На првата седница на Координативно тело за африканската свинска чума директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, информира дека состојбата со африканската чума во земјава е стабилна и оти нема ново жариште
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека откако свињарскиот сектор беше загрозен, а одгледувачите на свињи беа приморани сами да се снаоѓаат и да бараат решение за справување со болеста, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како што велат, без срам констатира дека сè е под контрола
Во Министерството за за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска се одржа првата седница на Координативно тело за африканската свинска чума, кое беше формирано со одлука на Владата.
На седницата, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, информира дека состојбата со африканската чума во земјава е стабилна и оти нема ново жариште. Тој дополни дека заклучно со вчера, убиени и нештетно отстранети се 1 305 свињи.

Фото: МИА
Бабовски во својство на претседател на Координативно тело за подобрување на институционалната координација и преземање мерки за справување со оваа болест, пред останатите членови информираше дека во заштитните зони од три километри и во зоните под надзор во радиус од 10 километри околу жариштата, без проблеми се спроведуваат наложените мерки.
„Стабилна е состојбата со болеста од потврдувањето на последниот случај во Облешево на 12. овој месец, односно, за среќа засега нема потврдена појава на ново жариште. Сите жаришта со потврдени позитивни случаи се затворени, во 3 целосно се спроведени мерките за депопулација. Заклучно со вчерашниот ден, во зоните од 3 километри убиени и нештетно отстранети се 1 305 свињи. Мерките за активен и пасивен надзор на болеста африканска чума кај свињите се спроведуваат на целата територија на државава“,
истакна директорот Бабовски.
Директорот на АХВ додаде дека со цел да се стави под контрола ширењето на вирусот и да се спречат економските загуби на одгледувачите на свињи, особено на комерцијалните фарми, неминовно е да продолжи соработката во спроведувањето на мерките од страна на сите чинители во секторот.
Донесен е заклучок, АХВ и МЗШВ во најкус можен рок до Владата да предложат формирање интервентен наменски фонд со предлог буџет, за брзо и навремено спроведување на мерките за контрола и искоренување на африканска чума кај свињите.
Еден од заклучоците на состанокот, како што потенцира Бабовски, е и Ловечката федерација да преземе мерки за итна депопулација на дивите свињи на територијата на целата земја, со посебен приоритет на регионите кои граничат со регионите под заштита и надзор, во временски период од 1 септември 2022 до 30 април 2023 година, а аралелно со засилениот отстрел, да се врши и пребарување на теренот за пронаоѓање угинати диви свињи.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека откако свињарскиот сектор беше загрозен, а одгледувачите на свињи беа приморани сами да се снаоѓаат и да бараат решение за справување со болеста, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како што велат, без срам констатира дека сè е под контрола.
„Како состојбата е стабилизирана кога само пред два дена медиумите пренесуваа дека жителите на кочанските села масовно ги колат домашните свињи, бидејќи поради појавата на африканска свинска чума, се плашат дека свињите ќе им бидат земени, а тие ќе останат и без пари и без храна за претстојното зимо, што може да значи дека африканската свинска чума е распространета насекаде“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека ништо не е под контрола, а дека ситуацијата и натаму е сериозна, а оти министерот Николовски мора посериозно да ја сфати работата со преземање конкретни мерки и стратегии.
