Додека Италија е во целосен карантин како мерка против ширење на коронавирусот, на социјалните мрежи се појавија повеќе видеа на кои жителите на повеќе италијански градови меѓу кои Сиена, Неапол и Торино излегоа на терасите и на прозорците од своите домови и заедно пееја. Некои од нив дури и заиграа.
„Жителите на мојот роден град Сиена пејат популарна песна од нивните куќи долж празната улица за да си го згреат срцето во ситуација кога целата земја е под блокада“,
напиша жител на овој италијански град на социјалните мрежи објавувајќи и видео.
На видеото од Сиена се слуша како еден започнува да ја пее популарната песна „ Да живее нашата Сиена“ (Viva la nostra Siena), по што му се приклучува цел хор од станарите на околните згради.
„Денес сме разделени, за утре да се прегрнеме уште посилно. Обединети можеме да победиме“, порачаа жителите на Неапол на фан страната Napoli Fanpage.it на која споделелија и видео.
Слично видео е објавено на Tвитер каде жителите на Торино ја пејат и играат на светскиот хит „Макарена“.
Italians dancing the Macarena together from their balconies. ?? #Torino #Covid_19 #coronavirus #italy #lockdown #COVID2019 #COVID19 pic.twitter.com/UQL2YTvcOr
— Elena (@Maba1962) March 13, 2020
Веднаш по објавувањето на видеата се појави лавина позитивни реакции од луѓе ширум светот.
„Луѓето пејат со што придонесуваат за подигање на духот во време на трагедија“, се вели во еден од коментарите.
„Ова е потсетување, особено за време на трагедија, дека човечкиот дух ја одржува надежта. Вие сте сјај во темнината. Ви благодарам, Сиена. Ни го разубавивте денот”, се вели во друг коментар.
Од 9 март цела Италија е во карантин поради големиот број заразени, но и смртни случаи како последица на коронавирусот. Според последните податоци, бројот на заразени во оваа европска земја која е најтешко погодена од вирусот е 15 113, а на починати 1 016. Италијанските власти очекуваат дека резултатите од ваквите рестикции ќе се видат за две недели.