Социјалдемократите сметаат дека во неврат отишле сите нарачани анкети на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи опозициската партија доживеала дебакл на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, а во Тетово имала пад на гласовите
За ВМРО-ДПМНЕ, власта повеќе нема легитимитет, а нивниот лидер Ковачевски може да триумфира единствено против имагинарни противници
По изборите за градоначалници во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа, како и за членови на Советот на Општина Тетово, кои се одржаа во саботата, не престануваат препукувањата меѓу двете најголеми партии во земјава. Двете страни си ги фалат сопствените резултати и водат јавна полемика околу скорот што го постигнале нивните опоненти.
Од една страна, од владејачкиот СДСМ вели дека пропаднале сите нарачани анкети на ВМРО-ДПМНЕ, а оти партијата доживеала дебакл на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, додека во Тетово имала пад на гласовите.
„Со разлика од 1 300 гласа кандидатот на СДСМ и коалицијата во Маврово-Ростуше го победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ беше поразена и во Центар Жупа, каде ги бојкотираше изборите, надевајќи се дека ќе пропаднат, но кандидатот на владејачката коалиција победи со освоени над 3 000 гласови. СДСМ и коалицијата во Центар Жупа има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово каде што има над 80 000 гласачи“,
се наведува во писменото соопштение од СДСМ.
Од друга страна, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја надополниле победата од локалните избори, додавајќи дека власта нема повеќе легитимитет да раководи со институциите.
„Убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово наспроти поразот на СДСМ покажува дека власта нема повеќе кредибилитет да продолжи да раководи со институциите. Победата на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА над СДСМ и ДУИ само потврдува дека народот е против оваа криминалната коалиција“,
се наведува во соопштението на партијата.
За нив прославата на победата на единствениот кандидат за градоначалник во Општина Центар Жупа е во најмала рака смешна оти, како што велат, СДСМ таму се борела со имагинарен противник.
„Ова покажува дека Ковачевски може да победува само со замислени противници. И затоа треба да си поднесе оставка“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата уште еднаш повикаа на предвремени парламентарни избори, кои како што велат, се повеќе од неопходни.
СДСМ на изборите одржани во саботата го победи ВМРО-ДПМНЕ во Маврово-Ростуше и нивниот кандидат Медат Куртовски е нов градоначалник. Во Центар Жупа за градоначалник беше избран единствениот кандидат, Аријан Ибрам од Демократската партија на Турците во Македонија, кој беше поддржан од СДСМ.
Изборите за советници во Општина Тетово, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги завршија со ист број советници – четири односно два, а и двете партии добија по околу 700 гласа помалку споредено со минатогодишните локални избори, покажува анализата на изборите во Тетово.
Беса, чиј лидер е актуелниот градоначалник Билал Касами, е неспорен победник на вчерашните вонредни избори за членови на Советот на Тетово, а најголем губитник на овие избори е Алијанса за Албанците која ќе нема претставник во Советот споредено со изборите од минатата година кога настапувајќи во коалиција со Алтернатива освоија три мандати.
Поради изборниот неуспех во Тетово и неосвојувањето на ниту еден советнички мандат, вчера лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села поднесе неотповиклива оставка.