Наставниците и натаму ќе одат на работа и, ако е потребно, и деца за кои нема кој да се грижи во тој период. Наставата ќе се одвива онлајн и преку третиот канал на ХРТ
Хрвати што ќе отидат на работа во Словенија, по враќањето во земјата, ќе мораат да бидат во 14-дневен карантин
Во Хрватска од понеделник нема да се одржува настава во основните и средните училишта, како и факултетите во период од две седмици, како дел од мерките против ширење на ковид-19, соопшти денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
По средбата со Националниот штаб за цивилна заштита и министрите, Пленковиќ информира дека наставниците и натаму ќе одат на работа и, доколку е потребно, и деца за кои нема кој да се грижи во тој период.
Истиот режим ќе важи и за градинките и факултетите, а со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус.
„Целиот свет е во војна со вирусот. Одговорност на секој граѓанин е суштинска дисциплина која ќе влијае на ширењето на епидемијата. Ги повикувам сите да бидат одговорни и внимателно да ги слушаат упатствата од сите професионалци од јавното здравје“,
рече Пленковиќ.
Хрватските власти најавија дека од понеделник ќе се одржува „настава од дистанца“. Учениците од прво до четврто одделение настава ќе следат преку програмата на „Училиште на трета“, која ќе се емитува на третиот канал на Хрватската радио-телевизија. Учениците од вишите одделенија, односно од петто до осмо и средношколците настава ќе имаат онлајн.
Исто така, сите Хрвати што ќе отидат на работа во Словенија, по враќањето во земајта, ќе мораат да бидат во 14-дневен карантин. Оваа одлука е со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, имајќи предвид дека во Словенија е прогласена епидемија.
Во Хрватска досега има 31 случај на заразени со новиот коронавирус.