Општина Охрид целосно ќе ги покрие финансиските трошоци и целокупната организација на традиционалниот Охридски пливачки маратон, а главната награда за победникот ќе биде обезбедена од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС)
Градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, за „360 степени“ потврди дека по состанокот со претставниците на пливачките клубови од градот, била донесена одлука општината да ги преземе целосните трошоци за организирање на Охридскиот маратон, додека пак финансиер за главната награда која изнесува 10 000 евра ќе биде Агенцијата за спорт.
„Утре во 10 часот наутро ќе имаме прес-конференција на која ќе бидат истакнати сите детали. Од тоа што можам да ви кажам во моментот е дека Општина Охрид ја презема целосната организација и финансирање на маратонот, а главната награда од 10 000 евра ќе биде доделена од страна на Агенцијата за млади и спорт. Датумот на кој ќе се одржи маратонот мислам дека е 11 септември“,
вели градоначалникот Пецаков за „360 степени“.
Ваквиот развој на настаните следува откако вчера претседателот Стево Пендаровски, кој воедно е и покровител на манифестацијата, по средбата со претседателот на Националната пливачка федерација Горан Стојановски, на својот Фејсбук-профил објави дека традиционалниот маратон годинава нема да се одржи поради проблемите со блокираната сметка на пливачката федерација. Претседателот на федерацијата Стојановски, пак, изјави дека сметката на федерацијата е блокирана неколку години и побара државна помош за спас на традиционалниот маратон.
Инаку, Охридскиот пливачки маратон е меѓународно натпреварување кое се одржува во водите на Охридското Езеро. Настанот привлекува голем број на странски учесници бидејќи претставува дел од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), а за прв пат се одржал во 1954 г.