Издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на здружението. Во соопштението од обвинителство нема назнаки на што се однесуваат наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението
Претходно во мај, Основното јавно обвинителство Битола, по поднесена кривична пријава од политичка партија, оформи предмет за регистрацијата и функционирањето на културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“
Основното јавно обвинителство во Охрид, по допрен глас, оформи предмет и ќе ги истражува наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ од Охрид. Како што соопшти обвинителството, издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата.
Во соопштението од обвинителство нема назнаки на што се однесуваат наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението.

Формирањето на ова здружение предизвика бура негативни коментари во јавноста, а остро реагираа и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија со порака дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.
До Министерството за правда не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на ова здружение.
Согласност за името на здружението дал лично Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како „Царот“. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“-Охрид, а во кои „360 степени“ имаше увид.

Според Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот Македонија. Освен оваа, нема друга одредба под кое име смее или не смее едно здружение да се регистрира, туку само дека името треба јасно да се разликува од другите организации запишани во Регистарот.
Сепак, законодавецот предвидел дека „за прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво“. Во тој закон, пак, пишува дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Од Централниот регистар на Република Северна Македонија велат дека работат законски и дека во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби за спорни и негативни личности во историјата.
Претходно во мај, Основното јавно обвинителство Битола, по поднесена кривична пријава од политичка партија, оформи предмет за регистрацијата и функционирањето на културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“.
Кога во април годинава стана актуелен случајот со културниот центар на Здружението „Иван Михајлов“ во Битола, поранешната министерка за правда Рената Дескоска, во чие време е регистрирано битолското здружение, порача дека „треба веднаш да почне постапка за носење измени на Законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за нивно регистрирање, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба неговото име“.
Од Министерсвото за правда неодамна соопштија дека се подготвува нов закон за здруженија и фондации со кој попрецизно ќе се уреди и прашањето за нивните имиња и називи.