Во првата официјална реакција на Техеран на нападот на Ружди, портпаротлот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, кажа дека категорично негираат каква било врска меѓу агресорот и Иран и оти никој нема право да ја обвинува Исламската Република Иран за нападот врз писателот Ружди
Иран категорично негираше каква било врска со нападот врз британскиот писател Салман Ружди, кој со години добива смртни закани од исламистичките организации и Иран заради неговата објавена книга „Сатански стихови“ што ја сметаат за богохулна, а кој беше нападнат со нож на 12 август додека се подготвуваше да одржи предавање во западен Њујорк.
Во првата официјална реакција на Техеран на нападот на Ружди, портпаротлот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, кажа дека категорично негираат каква било врска меѓу агресорот и Иран и оти никој нема право да ја обвинува Исламската Република Иран за нападот врз Ружди.
„Слободата на говор не може да биде оправдување за навредите кон религијата што ги има во пишувањата на Ружди“,
рече портпаролот на министерството Насер Канани, додавајќи дека писателот Салман Ружди и неговите поддржувачи се единствените одговорни за нападот врз него.
Ружди во моментов се опоравува откако беше избоден неколку пати на јавен настап во американската сојузна држава Њујорк. Семејството на писателот вчера изјави дека чувствува големо олеснување затоа што тој е тргнат од респиратор, меѓутоа, според најблиските, тој и понатаму е во критична состојба, иако веќе можел да изговори неколку зборови.
Британецот со потекло од Индија, чиј роман „Сатански стихови“ доведе до смртни закани од Иран во 1980-ите години, во петокот требаше да одржи предавање во државата Њујорк, но се здоби со неколку убодни рани во пределот на вратот и стомакот. Неговиот напаѓач е уапсен и се изјасни за невин.
Во 1989 година во Иран е издадена фатва (законска одлука, односно правна изјава во исламот издадена од адвокат, експерт во конкретен случај) – повик кон сите муслимани да го убијат Ружди и сите оние поврзани со издавањето на „Сатански стихови“. Фатвата беше укината од страна на иранската Влада во 1998 година.
Нападот врз Ружди, кој е едно од најголемите имиња во книжевниот свет, беше нашироко осуден како напад на слободата на изразување.