Реакцијата на Курти следува по изјавите на српскиот претседател Вучиќ, кој рече дека има информации дека косовските власти подготвуваат ликвидации на Срби на северот од Косово
Косовскиот премиер Албин Курти оценува дека изјавите на официјални лица од Белград, меѓу кои и српскиот претседател Александар Вучиќ, во кои зборуваат за насилство и ликвидации на Косово, покажуваат какви се нивните размислувања и фантазии.
Реакцијата на Курти следува по изјавите на српскиот претседател Вучиќ од 11 август, кој рече дека има информации за планови на косовските власти кои подготвуваат ликвидации на Срби на северот од Косово.
Од друга страна, еден ден подоцна, Курти подвлече дека Косово се залага за мир и стабилност.
„Ние сме за мир, безбедност, долгорочна стабилност и не само што мораме да ги заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет, туку и демократијата, уставноста, владеењето на правото и напредокот на нашата земја“,
рече Курти.
Тој повторно ја обвини Србија за поттикнување тензии на северот на Косово на 31 јули и 1 август, кога локалните Срби поставија барикади за да ги спречат косовските власти да ги спроведат одлуките за пререгистрација на возила од српски таблички во РКС (Република Косово) и да воведат реципрочни мерки за личните документи.
„Тој ден, 1 август, би бил целосно мирен и би бил првиот работен ден во осмиот месец во годината. Но, на 31 јули тие барикади ги подигнаа луѓе кои ги охрабруваа, планираа, подготвуваа и финансираа дивоградбите што криминалната банда ги изгради на патиштата на северот на Косово“,
рече Курти.
Откако се зголемија тензиите на северот поради поставувањето барикади на 31 јули, владата на Косово донесе одлука пререгистрацијата на возилата и промената на личните документи да почнат да се применуваат од 1 септември, а не од 1 август, како што беше претходно планирано.
Премиерот Курти тогаш изјави дека ваквата одлука е донесена во координација со меѓународните партнери, поради големата кампања за дезинформации предводена од Белград.