Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека со отстранувањето на спомен плочата посветена на првото заседание на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчински, по кој знае кој пат се докажува дека македонскиот претседател Стево Пендаровски е политичка фарса но и дека повторно како што кажа Николоски, е фатен во лага.
„Тргањето на плочата посветена на првото заседание на АСНОМ од манастирот Св. Прохор Пчински е потврда дека се работи за најголемата измама и за најголемата фасада на македонската политичка сцена. Стево Пендаровски со голема помпа во јавноста велеше дека се враќа прославата во Прохор Пчински, притоа излажа и не кажа дека последно тоа се случи во 2009 година, туку велеше дека се случило многу порано“,
рече Николоски.
Николоски воедно истакна дека Пендаровски ја излажал македонската јавност кога кажал дека со поставувањето на плочата се решил проблемот со чествувањето, за неколку дена подоцна неговиот кабинет да ретерира и да кажат дека станува збор за плоча од привремен карактер.
„Но, она што е најбитно рече дека проблемите се решени, положи цвеќе пред една плоча која што ја видовме сите, за после неколку дена таа плоча да е тргната и самиот да признае преку соопштение од неговиот кабинет дека се работи за лажна плоча, односно како што тие велат за време плоча. Што да ви кажам? Лажна величина, фасада, лажна плоча. Така обично прават политичарите кои се фарса без суштина, што само го покажува системот на владеење на СДСМ”,
кажа Николоски.
Откако во текот на вчерашниот ден, беше објавено дека спомен плочата која беше симболично поставена на 2 август во манастирот, посветена на првото заседание на АСНОМ е отстранета, од кабинетот на претседателот кажаа дека таа била од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот и државната делегација за првпат по повеќе години.