Откако повеќе портали објавија фотографија на која се гледа дека плочата ја нема на местото на кое беше поставена во манастирот Св. Прохор Пчински, од кабинетот на Пендаровски велат дека плочата за АСНОМ била од привремен карактер
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека плочата за АСНОМ, што беше поставена во манастирот Св. Прохор Пчински за Илинден, била од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот и државната делегација за првпат по повеќе години.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции кои ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден, во ‘Св. Прохор Пчински’ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Игуменот на манастирот Св. Прохор Пчински, архимандрит Методије, за МИА потврди дека договорот на двете делегации, македонската и српската, бил плочата да се тргне по прославата на Илинден и повторно по договор да се става кога ќе треба.
Инаку, повеќе портали објавија и пренесоа фотографија на која се гледа дека плочата ја нема на местото на кое беше поставена.
Спомен плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот Св. Прохор Пчински каде по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски. Од српска страна на одбележувањето присуствуваше министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.