Десеттемината припадници на резервниот состав на Армијата од Прилеп и прилепско, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски од заседа беа нападнати и убиени кај Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година
Дваесет и една година година непребол и незаборав за Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, десеттемината припадници на резервниот состав на Армијата, кои од заседа беа нападнати кај Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска не нејзиниот фејсбук профил.

„Секогаш кога гледаме кон иднината, не смееме да заборавиме на жртвите направени во минатото, за уште повеќе да го цениме она што го имаме денес. Бидејќи нема мир и слобода без заемна почит и без сеќавање. Во чест на загинатите Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, кои дадоа се’, го дадоа својот живот и заминаа во вечноста како херои, а нас не’ обврзаа да ги почитуваме нивните идеали и верувања. Слава им!“,
објави Петровска на фејсбук.
Владина делегација во состав советникот за одбрана Драган Василевски и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, денеска положи свежо цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, во спомен на загинатите бранители. Со достојни државни почести годинава се одбележуваат 21 година од загинувањето на десеттемина припадници на резервниот состав на Армијата кој од заседа беше нападнат во оружениот конфликт во 2001 година.

Во чест и сеќавање на трагично загинатите резервисти: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско, денеска беше оддадена почит и на нивните вечни почивалишта, а беше одржана и панихида во црквата „Св. Петка“ во населбата Точила во Прилеп.
Одбележувањето на загинувањето на армиските припадници продолжи со оддавање почит и положување цвеќе на комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп каде се одржа централното одбележување на 21 година од нивната смрт, каде положија цвеќе и бројни делегации и бранители.
И претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска положија цвеќе пред спомен-плочата.

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски положи цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје.
Како што соопштија од Кабинетот на Пендаровски, делегација во состав полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот и Валентин Диневски, посебен советник за безбедност и одбрана положија цвеќе пред комплексот „Карпалак“ во Прилеп.
Чествувањето на годишнината од загинувањето на десеттемина армиски резервисти започна синоќа во Прилеп, каде во име на Владата на Република Северна Македонија, беше положенo свежо цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот Св. Петка.