Со ревизијата опфатени се проекти за кои се создадени трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства
Постои застој и бавна динамика на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, a трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци, се вели во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија на успешност на тема „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите и платени и створени трошоци“.

Со оваа ревизија на успешност опфатен е периодот од 2011 до 2021 година, како и одредени области, прашања и настани последователно по датумот на вршење на ревизијата, а до денот на известување од извршената ревизија. Предмет на ревизијата на успешност се проектите финансирани со договори за заем, кои не се завршени и за кои се врши повлекување на средства од заемите.
Со ревизијата опфатени се проекти за кои се создадени трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства.
Ревизорите утврдиле дека кај субјектите кои се надлежни за реализација на проектите, проектната документација не е резултат на системски, технички, економски и финансиски анализи. Ревизорите констатирале дека се склучени договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари , чија вредноста е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи.

„Со анализа на приходите на Јавното претпријатие за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“,
се наведува во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека мнозинството од проектите кои се реализираат од страна на ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година.
„Тие имаат бавна динамика на реализација која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, покренување на постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на истата“,
се вели во ревизорскиот извештај.
Исто така, со ревизијата се констатира дека финансиското работење на Јавното претпријатие Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура со загуба и недостиг на финансиски средства во подолг период, негативно влијае врз навремената реализација на стратешките проекти и сервисирање на долгот по договорите за заем.
„Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и истите се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само еден отсто на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор X и VIII сe раскинати. Во периодот на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за Коридор X и VIII“,
додаваат ревизорите во извештајот.

Ефектите од овие состојби кои остануваат и во наредните периоди се бавната динамика на реализација на проектите, бавниот процес на решавање на проблемите со изведувачите, пропусти и слабости на инвеститорот и на изведувачите, ненавремено обезбедување – повлекување на средства од заемот за реализација на проектите, комплексните правила на ЕБОР и друго.
За проектите опфатени со оваа ревизија создадени се трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства. Во поединечните закони за задолжување и закони за гаранција за дел од проектите предвидени се даночни ослободувања кои ја намалуваат цената на чинење на инвестициите. „Даночните ослободувања за инвестициите со заеми во ЈП за државни патишта според пресметката изнесуваат 6.614.549 илјади денари и ова има ефект пониска цена на чинење на градбата. Проектите за железничка инфраструктура имаат добиено инвестициски грант средства од WBIF Инструментот и ИПА средства, но постои неизвесност од губење средства доколку не се запази динамиката на градба и завршување на проектот во ревидираните рокови до 2025 година“, се вели во извештајот.
Ревизорите додаваат дека за дел од проектите кои ги ревидирале склучени се договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари, за кои во текот на имплементација на проектите е ревидирана вредноста на договорите во износ од 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи за кои се склучени анекси на основите договори. Дополнително поради раскинување на договорите, како и поради идни можни варијации кои сеуште не се признаени цената на чинење на проектите ќе се зголеми.
Освен за патиштата и пругите, ревизорите имаат забелешки и за изградбата на Клиничкиот центар во Штип.
„Поради бавната динамика на реализација на проектот, измените во проектната документација, откажување на кредиторот од договорот за заем и понатамошно финансирање на проектот, постои неизвесност за завршување на проектот за Изградбата на Регионалниот клинички центар Штип“,
се додава во извештајот.

Оваа состојба, додаваат ревизорите, ги усложнува понатамошните постапки за продолжување и реализација на проектот од страна на Владата на Република Северна Македонија и надлежните институции, со ризици од зголемена цена на проектот, дополнителни трошоци и ефикасно управување со проектите.
Наведените состојби, се додава во заклучокот на ревизорскиот извештај, предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за проектите преку повисока цена на чинење на изградбата и зголемени трошоци по заемите, поради што реализацијата на јавните инвестиции кои се финансираат со заеми во целост не е спроведена на ефикасен и економичен начин. Ефектите од јавните инвестиции за остварување на инвестиционите цели се пролонгираат за идни периоди како резултат на продолжување на роковите за реализација на проектите.
Со цел надминување на наведените состојби, ефекти и резултати, во ревизорскиот извештај дадени се препораки во функција на подобрување и унапредување на целокупниот процес на управување со јавните инвестиции.