Опишувајќи го она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ како напад врз актуелниот светски поредок, генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата мора да го спречи ширењето на војната
Војната во Украина е најопасниот период во Европа по Втората светска војна и не смее да се дозволи Русија да победи, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Во наш интерес е овој тип на агресивна политика да не успее“,
рече поранешниот премиер на Норвешка во говорот во неговата земја.
„Она што се случува во Украина е страшно, но би било многу полошо доколку дојде до војна меѓу Русија и НАТО“,
рече тој.
Опишувајќи го она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ како напад врз актуелниот светски поредок, Столтенберг рече дека Алијансата мора да го спречи ширењето на војната.
„Ова е најопасната ситуација во Европа од Втората светска војна. Ако претседателот (Владимир) Путин воопшто помисли да направи нешто слично на земја од НАТО, како што направи со Грузија, Молдавија или Украина, тогаш целото НАТО ќе биде вклучено веднаш“,
рече Столтенберг.
Војната ги поттикна претходно неврзаните Финска и Шведска да аплицираат за членство во НАТО, при што 23 од 30-те земји-членки, вклучително и Соединетите Американски Држави, досега го ратификуваа барањето.
„Ова не е само напад на Украина, независна демократска земја со население од над 40 милиони луѓе, тоа е и напад на нашите вредности и светскиот поредок што го сакаме“,
рече шефот на НАТО за војната.

Столтенберг зборуваше на островот Утоја, каде во 2011 година екстремно десничарскиот екстремист Андерс Брејвик уби 69 луѓе членови на младинското крило на владејачката Лабуристичка партија. Во годините по нападот, малиот норвешки остров стана центар за учење на демократските вредности.