Посетата на Пелоси на Тајван е прва на висок американски функционер по 25 години. Кина, која го смета Тајван за една од своите провинции, американскиот став за доаѓањето на претседателката на Претставничкиот дом го оценува како „исклучително опасен“

Додека претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, е во посета на Тајван, Кина која остро се спротивставување на ова патување, почна да изведува воени вежби во близина на тајванскиот брег.
Кинеската телевизија ЦЦТВ, повикувајќи се на воен извор, објави дека војската започнала воени операции во близина на брегот. Вежбите, како што наведе, се започнати на 2 август во вечерните часови по локално време. Тие ќе се изведуваат од речиси сите страни и во море и во воздушниот простор.
Претходно, државните медиуми во Кина, како што пренесе новинарот на „Политико“ Стјуарт Лау објавиле дека воени авиони го надлетуваат Тајванскиот проток, но без да наведат која е целта на нивните летови. Истата информација ја објави и агенцијата „Франс прес“.
Тајванските власти, пак, објавија дека во нивниот воздушен простор влегле 21 кинески воени авион.
Вежбите претходно веќе беа најавени и од кинеското Министерство за одбрана.
„Операцијата на војската има за цел одлучно да го одбрани националниот суверенитет и територијален интегритет и цврсто да се спротивстави на странското мешање и сепаратистичките обиди за независност на Тајван“,
рече портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиан.
Посетата на Пелоси на Тајван е прва на висок американски функционер по 25 години. Таа порача дека посетата е показател за недвосмислената американска поддршка за демократијата во оваа земја и наведе дека во разговорите со лидерите на Тајван „ќе биде повторена поддршката за американските партнери и ќе биде промовиран заеднички интерес, вклучително и унапредување на слободниот и отворен индо-пацифички регион“.
По нејзиното пристигнување, пак, Кина, која го смета Тајван за една од своите провинции, американскиот став за доаѓањето на Пелоси го оцени како „исклучително опасен“.
„САД се обидуваат да го искористат Тајван за да ја зауздат Кина“,
реагираше кинеското Министерство за надворешни работи.